Груевски од Мексико: Очекуваме укинување на визите за македонските граѓани

Македонскиот премиер Никола Груевски во рамки на посетата на Мексико се сретна со претседателот на Мексико Енрике Пења Мието кој истовремено е и претседател на Владата. Груевски и мексиканскиот Претседател разговарале за повеќе теми поврзани со политичките и економските односи меѓу двете земји.

- Ова е прва ваква средба на ниво на премиер односно претседател во која што отворивме повеќе прашања коишто може понатаму да ги продлабочат нашите односи. Меѓу останатото, побаравме тие да ги укинат визите за нашите граѓани бидејќи сега се уште има визи. Тој беше зачуден дека се уште останале визите за македонските граѓани, така што очекувам во наредниот период дека ќе започне процедурата за укинување на визите. Ние веќе го завршивме нашиот дел, ги укинавме визите за граѓаните од Мексико, изјави македонскиот премиер по средбата.

Додаде дека со Пења Мието развоварале и за соработката во рамките на ОН, при што било договорено досегашната соработка во иднина да се подобрува и унапредува. Премиерот Груевски го поканил Пења Мието да ја посети Македонија, но побарал и да размислат да отворат амбасада во Република Македонија, со оглед на тоа што мексички амбасади има во околните земји.

- Тој се интересираше за нашите состојби во Македонија и пред се за нашите релации за членството во НАТО и ЕУ. Од тој аспект му ги кажав состојбите и приликите што Македонија ги има и со предизвиците со кои се соочува за членство во НАТО и во ЕУ. Пења Мието покажа голем интерес и за економската состојба кај нас, односно за можностите за привлекување инвеститори. Побара од нас да дадеме дополнителни информации кои тие ќе ги претстават до нивната Агенција за промоција на извозот, за во ситуации кога на нивни компании, коишто и онака одат во Европа, им се потребни и да им ги дадат како препорака за избор на дестинација да биде Македонија, истакна премиерот Груевски.

Тој ја предводи владината делегација која е во политичко - економска посета на Мексико, а претходно беше и во Аргентина и Бразил.

најчитано сега