Викендов топли радијатори во домовите - стартува грејната сезона

Новата грејна сезона за потрошувачите кои се приклучени на системот на снабдување со топлинска енергија Балкан енерџи во Скопје (БЕГ) стартува од утре, велат од компанијата и потенцираат дека Регулаторна комисија за енергетика (РКЕ) даде одобрение за старт на грејната сезона пред вообичаениот почеток на 15 октомври поради падот на температурите.

Законската регулатива предвидува доколку, според податоците на Управата за хидрометеоролошки работи на РМ, прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 степени Целзиусови, снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи може да почне и пред 15 октомври, но не и пред 1 октомври, и тоа по претходно одобрение од РКЕ, појаснуваат од БЕГ.

 

Според нив, почетокот на грејната сезона порано од вообичаено нема да донесе зголемување на авансните сметки што ги добиваат граѓаните.

– Согласно прописите секој ден до 15 октомври се следи временската прогноза и само доколку прогнозата за средната надворешна температура е еднаква или под 12 степени Целзиусови ќе има испорака на топлинска енергија. Во деновите кога прогнозата за средната надворешна температура ќе биде повисока од 12 степени Целзиусови, испорака на топлинска енергија нема да има, велат од БЕГ и додаваат дека од 15 октомври до 15 април ќе се врши редовна испорака на топлинска енергија, согласно утврдените правила и во континуитет.

Од БЕГ апелираат потрошувачите да ги отстранат евентуалните пречки и дефекти во внатрешната инсталација и тоа веднаш да го пријават во Снабдување со топлина Балкан Енерџи. Истовремено заедниците на станари или управителите на зградите да овозможат непречен пристап на службените лица до топлинската станица, како и да обезбедат постојано напојување на топлинската станица со електрична енергија (платени сметки за електрична енергија, за топлинската станица и за функционална електрична инсталација).

Компанијата ги информира сите потрошувачи дека евентуалните дефекти се пријавуваат на телефонскиот број 02/3076-200, на следниот линк http://beg-snabduvanje.com.mk/customers/pregled-i-veb-prijava-na-defekt/ или со СМС порака на следниве телефонските броеви: 076 350 298, 078 207 056 и 070-369-337.

 

 

 

06.10.2017 - 10:40

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега