Шилегов: Ќе се грижиме за ранливите категории граѓани (видео)

Кандидатот за градоначалник на град Скопје од СДСМ денеска беше во посета на општина Аеродром каде што се осврна ранливите категории граѓани, кои се запоставени во Скопје, како и на негрижата на досегашната власт за чистотата во оваа општина.

 „Денеска сме во општина Аеродром, населените места Лисиче, и ова е Скопје. Овој хаос, овој смет, ова ѓубре што го дишат нашите сограѓани, и ова е дел од градот Скопје. Овде нема основни елементарни услови за здрав живот, овде во целост е прикажана негрижата што локалната власт и на ниво на општината Аеродром и на ниво на градот Скопје ја има кон своите сограѓани скопјани. Тоа што го прават е всушност тоа што ни го мислат“, рече кандидатот за градоначалник од СДСМ, Петре Шилегов.

Тој најави дека по победата на 15 октомври Скопје повторно ќе стане град на хуманитарноста.

„Хуманитарноста ја враќаме како еден од нашите врвни приоритети. За разлика од  досега, ранливите категории граѓани, а наши сограѓани, лицата со посебни потреби што беа ставени на маргините на општеството, ќе бидат во еден од приоритетите за нивно вклучување во системот за обезбедување на можности за квалитетен живот, нормално секојдневие и ефикасно функционирање“, рече Шилегов.  

Тој додаде дека секоја следна градска политика, инвестиција, секој тротоар и плоштад, лифт или зграда, што се под надлежност на градот и на општините, составен дел од градот, мора да бидат инклузивни и за оваа категорија граѓани.

„Градот на солидарноста не ги заборава луѓето од улиците. Градиме преноќевалиште за бездомници, со што ќе обезбедиме покрив над главата за секого во ладните скопски ноќи и ќе нудиме и бесплатни оброци, основна здравствена хигиена. Новата градска администрација ќе обезбеди ефикасен пристап до европските средства, кои досега целосно беа занемарувани. Преку нив ќе работиме на системска поддршка на бездомниците и на сите категории граѓани на што тоа им е неопходно“, нагласи Шилегов.

 

 

 

05.10.2017 - 17:05

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега