Трајановски: Нови спортско-рекреативни содржини долж кејот на Вардар

Унапредувањето на условите за рекреирање долж кејот на реката Вардар е еден од приоритетите во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ и во таа насока предвидени се голем број проекти во оваа област. Ова денеска на прес-конференција го соопшти кандидатот за градоначалник на Град Скопје од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ Коце Трајановски.

 Во наредните четири години предвидено е уредување и реконструкција на зеленилото долж кејот, изградба на нова патека за џогирање со песочен тампон, изградба на тартан-патеката за трчање и спринтерско трчање во должина од 500 метри, изградба на мини скејт парк за најмладите љубители на овој спорт, како и поставување модерни фитнес справи на надворешно вежбање на 10 фитнес станици на разни локации во Скопје, рече Трајановски. Најави дека планираат да изградат нова пешачка и ролерско-велосипедска патека од населбата Хром до Нерези.

 

Според него, со реализацијата на овие проекти значително ќе се подобрат условите за спортување и рекреирање на кејот долж реката Вардар и воопшто во Скопје, а со тоа и здравјето на скопјани.

Трајановски се осврна и на проектите реализирани изминатите осум години, а како најважни ги наведе изградбата на ролерско-велосипедската патека од десната страна на реката Вардар од Транспортниот центар до железниот мост во Лисиче и целосната изградба на оваа патека по левата страна на Вардар од Гази Баба до влевот на Лепенец во Карпош, изградбата на новиот Скејт парк во Скопје, поставувањето справи за вежбање на повеќе локации и многу други. 

 

 

 

05.10.2017 - 14:22

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега