Вучиќ: Се надевме дека Атина и Скопје ќе направат договор со кој сите ќе бидат задоволни

 

Ние не треба да ги решаваме проблемите кои ни други не се во состојба да ги решат, рече српскиот претседател Александар Вучиќ на денешната прес-конференција во Солун со грчкиот премиер Алексис Ципрас, одговорајќи на новинарско прашање дали Белград може да биде посредник во спорот за името меѓу Грција и Македонија.

Прашан дали се согласува со изјавата на шефот на српската дипломатија Ивица Дачиќ дека признавањето на Македонија под уставното име била грешка и дали има план таа одлука да се смени, Вучиќ рече дека не сака пред странците да зборува кои биле причините за тоа, ниту да ги критикува претходниците.

- Да сакав да го критикувам или демантирам Дачиќ тоа ќе го направев досега. Но, ми се чини дека тоа не го направив, додаде српскиот претседател.

Посочи дека Грција не ја признала независноста на Косово и оти секогаш била со Србија кога и било тешко, а Белград во некој поранешен период не покажал доволно почитување за тој факт.

- Србија во иднина ќе се раководи од своите интереси и ќе им помага пријателски на оние кои се на нејзина страна и кои помагале во зачувувањето на принципот на меѓународното право. Во таа смисла грчките пријатели можат да сметаат на наша поддршка, изјави Вучиќ.

Вучиќ информира дека со грчкиот премиер Алексис Ципрас разговарал за сите прашања во регионот и изрази надеж дека Владата во Атина со Владата во Скопје ќе направи најдобар договор со кој сите ќе бидат задоволни. Тоа, според Вучиќ, би било многу значајно за регионот. 

Во Солун денеска се одржува трилатерална средба на премиерите на Грција и на Бугарија, Алексис Ципрас и Бојко Борисов и на претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

Пред трилатералниот Самит, претпладнето во Солун се одржа првата седница на Високиот совет за соработка меѓу Грција и Србија.

 

 

 

13.07.2017 - 16:07

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега