Македонското Министерство за одбрана се консултираше со НАТО

Денеска во Брисел се одржаа редовните ПАРП мултилатерални консултации помеѓу Политичко-партнерскиот комитет на НАТО и Република Македонија во формат 28+1.

На состанокот, на кој делегацијата од Министерството за одбрана ја предводеше државниот секретар Сашо Стефаноски, е разгледан и анализиран постигнатиот напредок во развојот на системот за одбрана на Република Македонија.   Констатирано е дека Македонија е успешна и пофалена со високи оценки од сите земји, информираат од Министерството за одбрана.

Од Министерството  информираат дека државниот секретар Стефаноски ги информирал претставниците на НАТО земјите за посветеноста на Република Македонија за континуиран и долготраен придонес во меѓународните операции, особено за ИСАФ, за напредокот во тековната трансформација на Армијата, за развојот на распоредливите способности, за предизвиците во опремувањето и во модернизацијата, како и за состојбата со буџетот во одбраната.

- Република Македонија континуирано е посветена на долгорочниот придонес во регионалната и евроатлантската безбедност. Нашата земја дава исклучително висок придонес во меѓународните операции и моментално имаме распоредено околу 3 проценти од севкупната копнена структура на АРМ во три меѓународни операции, нагласил во своето обраќање Стефаноски.

Стефановски посочил и на политичката посветеност на Република Македонија, како одговорен член на меѓународната заедница и долгогодишен посветен партнер на Алијансата, за продолжување на учеството во мировните мисии по 2014 година пост ИСАФ мисијата во Авганистан, во рамки на новата мисија на НАТО. Во обраќањето, државниот секретар ја истакнал и посветеноста на нашата земја во одбранбените реформи и во трансформацијата на Армијата, како и решеноста да вложи дополнителни напори за справување со предизвиците за опремување и модернизација на Армијата во услови на економска криза. Една од целите на процесот на трансформација на АРМ, подвлекол, е постигнување 90 процентна пополнетост со персонал и опрема и развој на 50 проценти распоредливи капацитети, со тенденција на постепено зголемување на придонесот во меѓународните операции од сегашните 3 на 8 проценти постојано распоредени сили. Инаку, Армијата на Република Македонија има три поголеми единици подготвени за НАТО предводени операции (Среден пешадиски баталјон, чета на воена полиција и чета за длабинско извидување) кои се оценети со оцена „Борбено подготвени". Се планира да се воспостави активна резерва, а конечната одлука за нејзино воспоставувањето ќе се донесе во соработка и консултации со НАТО.

- Унапредувањето индивидуалната и колективната обука на единиците на АРМ, како и развојот на Центрите за обука и едукација (Воената академија, АП Криволак, Регионалниот тренинг центар за комуникации) се наш приоритет во наредниот период, подвлекол Стефаноски.

Во делот посветен на персоналниот менаџмент во одбраната било потенцирано дека трансформацијата на персонал менаџмент системот, соодветната и правична застапеност на немнозинските етнички заедници и родовата застапеност во одбранбените структури остануваат  приоритетни цели.

За долгорочниот план за развој на одбраната Стефаноски потенцирал дека претставува главен планирачки документ за понатамошно унапредување на способностите и модернизација на АРМ.

- Република Македонија е посветена да продолжи со забрзано темпо во реализација на реформите и да вложи напори и ресурси за унапредување на способностите и исполнување на превземените обврски. Затоа, за да се избалансираат долгорочните цели со економските можности на државата Министерството за одбрана до крајот на 2013 година ќе го ажурира Долгорочниот план за развој на одбраната, подвлекол Стефаноски.

Во рамки на посетата на НАТО, државниот секретар Стефаноски имаше и работен ручек со помошникот на Генералниот секретар на НАТО за одбранбена политика и планирање, Амбасадорот Хусеин Дириоз на кој беа споделени плановите на Република Македонија за понатамошен развој на одбраната.

Државниот секретар искажа задоволство од постигнатото и убедување дека Република Македонија ќе добие позитивно признание и оценка за досега сработеното во рамки на одбранбените реформи и имплементацијата на Партнерските цели 2012 изразено преку ПАРП процената за 2013 година.

ФОТО: Сител

најчитано сега