Илегалци, лаги, облека, цигари, автоделови - еве со што се занимаваше Царината минатата недела

Минатата недела и викендот, царинските службеници открија два случаи на царинска измама и  спречија повеќе обиди за криумчарење на разна стока, при што привремено се задржани цигари, делови од компјутерски систем, автоделови, текстил и модни додатоци.  Покрај тоа откриени се и тринаесет патници кои се обиделе илегално да влезат во државата, стои во соопштението на Царинската управа.

Царинска измама

Во текот на минатата недела откриени се два обиди за избегнување плаќање увозни давачки во вкупен износ од 135 илјади денари, со намерно погрешно тарифирање на стока.

Во првиот случај, на царинската испостава Тетово, фирма увозник од Гостивар пријавила за увозно царинење нови надворешни гуми за товарни возила, декларирани во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 8% и стапка за ДДВ од 18%.

При контрола на приложените документи и прегледот на стоката било утврдено дека се работи за надворешни гуми за патнички возила, кои според Царинската тарифа се распоредуваат во тарифна ознака со стапка за царински давачки од 13% и стапка за ДДВ од 18%.

Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ од околу 124 илјади денари.

Во вториот случај, на царинската испостава Скопје 3, македонски државјанин, како физичко лице, пријавил за увозно царинење моторен чамец, деклариран како „моторни чамци, освен чамци со вонбродски мотор“, за што е пропишана стапка за царински давачки од 10% и стапка за ДДВ од 18%. 

При контрола на приложените документи и пријавената стока, царинските службеници утврдиле дека пријавениот моторен чамец има вонбродски мотор, поради што се сместува во сосема друга тарифна ознака, за која се пропишани стапка за царински давачки од 15% и стапка за ДДВ од 18%.

Врз основа на новоутврдената состојба пресметани се дополнителни увозни давачки во износ околу 111 илјади денари.

Привремено задржана стока

Цигари

- 110 штеки цигари ЛД со македонски контролни маркички, откриени при контрола на автомобил со бугарски регистарски ознаки, управуван од бугарски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Табановце автопат. Непријавените цигари биле сокриени во фабрички празнини, на повеќе места во возилото - под инструмент-таблата, во задните врати и петтата врата, под задното седиште, во браниците и во системот за вентилација.

- 58 штеки и 9 кутии цигари ЅОРК Голд 100 С, РОДЕО БЛУЕ, ЛД Блуе,  ТРОКАДЕРО БЛУЕ СЛИМС, САН СЛИМС сите со македонски контролни маркички, откриени на граничниот премин Дојран, при контрола на бугарски автомобил, со кој за излез од државата се пријавиле двајца бугарски државјани. Непријавените цигари биле сокриени под таблата за инструменти на возилото.  

Автоделови и компјутерска техника

- 1 употребуван дизел мотор за патничко возило Голф, откриен при контрола на камион за превоз на патнички возила со бугарски регистарски таблички, управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Ново Село. Моторот бил пронајден во внатрешноста на едно употребувано возило, натоварено на камионот.

- 197 автоделови (лагери, затегнувачи и ролери за ремен), откриени при контрола на албански автомобил, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата, на граничниот премин Меџитлија. Непријавените автоделови биле сокриени во фабричките прегради на возилото на подот на возилото и во фиоката пред совозачкото седиште.

- 3 делови од компјутерски систем (Стреам Процессор Ерицссон, конвертор Делл Поњер Едге и сервер ХД ИРД ЕРИЦССОН), откриени при контрола на српски автомобил, управуван од австралиски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријаваната стока била сокриена во багажниот простор на возилото, во куфер помеѓу личните работи, и позади куферот.

Текстил и модни додатоци
- 190 женски блузи, откриени од страна на мобилните царински тимови, при контрола на патничко комбе со македонски регистарски таблички, што сообраќало на релација Софија-Скопје, извршена на влезот во Куманово. Блузите биле пронајдени во црни најлонски кеси, сместени во багажниотпростор на комбето. Сопственикот на пронајдената стока, македонски државјанин, патник во комбето, не поседувал документи за палтени царински давачки и потекло на стоката.

- 33 женски чанти, откриени при контрола на товарно комбесо албански регистарески таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Делчево. Непријавените чанти биле пронајдени под совозачкото седиште на возилото.

Откриени случаи на нелегална миграција

На железничката станица Гевгелија, во три одвоени случаи, при контрола на товарни возови што сообраќале на релација Грција –Австрија, царинските службеници откриле 13 патници во обид нелегално да влезат во Република Македонија.

Во првиот случај, во подвозјето на еден од вагоните пронајдени се седум нелегални мигранти, од кои четворица државјани на Сирија и по еден државјанин на Алжир, Палестина и Египет.

Во вториот случај , при контрола на камионска приколка со церада, пронајдени се три илегалци, пакистански државјани. Приколката била натоварена со заштитни гуми за врати со потекло од Турција.

Во третиот случај,  при контрола на приколка натоварена со книжни кеси со потекло од Турција, пронајдени се три нелегални мигранти, од кои двајца државјани на Сирија и 1 државјанин на Алжир. Приколката била пломбирана со оригинални пломби на турската царина и превозникот.

Во сите три случаи, патниците биле предадени во Полициската станица Железничка станица Гевгелија за понатамошна постапка.

(Интегрален текст од соопштение на Царинската управа на Македонија)

најчитано сега