Отворена фабриката на американски „Адиент“: Инвестиција од 20 илјади долари и над 1.300 вработувања

Во ТИРЗ Струмица денеска беше официјално пуштена во употреба фабриката за производство на навлаки за автомобилски седишта „Адиент“. Инвестицијата е 20 милиони американски долари и ќе вработи над 1.300 лица. 

На отворањето на овој прв објект во зоната премиерот Зоран Заев, американскиот амбасадор Џес Бејли, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и Владимир Тефлик, потпретседател на операции на „Адиент“.

Претседателот на Владата Зоран Заев истакна дела како Влада посветена на евроатлантските интеграции ги отвора можностите и за бизнисот.

- Отворањето на „Адиент“ почна пред доаѓањето на новата Влада. И тогаш како градоначалник на Општина Струмица дадов силна поддршка, а и денес го поздравувам отворањето на фабриката кое носи и нови работни места. Сакам да испратиме порака и дека ќе одиме чекор понатаму „Адиент“ да остане тука и да продолжи да се развива. Преку реформски процеси ЕУ и НАТО перспективи, со закони и правни регулативи, со нула корупција ќе создадеме услови за нови инвестиции, но и за финансиска поддршка на домашните фирми. Тоа ќе создаде конкуренција која ќе ги придвижи економските процеси, ќе ги зголеми платите, ќе ги подобри условите на работниците, рече Заев.

Амбасадорот Бејли посочи дека е ова одличен пример дека со заеднички напори може да се развива економијата и подобра иднина за граѓаните.

- Првата инвестиција на поранешен „Џонсон Мети“ беше донесена од една Влада, а целиот проект го продолжи друга Влада. Го споменувам ова не како историски куриозитет, туку како показател дека успехот зависи од соработката на сите. Треба да се оди напред, да креираме нова иднина за луѓето, да креираме нови работни места за вашите талентирани луѓе и да покажеме дека Македонија е посветена да продолжи да чекори на патот кон ЕУ со се што тоа вклучува, а САД се верен пријател и сопатник во тој процес за попросперитетна иднина, рече Бејли.

Директорот на Дирекцијата на ТИРЗ Мизо посочи дека со денешното отворање на „Адиент“ заживува зоната Свидовица која се простира на 25 хектари.

- Компаниите кои функционираат во ТИРЗ-овите континуирано бележат раст. Кон крајот на минатата година имаше 7.100 вработени, до сега 9.000, а очекуваме до крајот на годината над 10.000 вработени во зоните. Во мај месец имавме рекорден извоз од 190 милиони евра. Доколку продолжи овој раст од 15 проценти очекуваме до крајот на годината извозот од зоните да учествува со 2 милијарди евра во вкупниот извоз на Република Македонија, рече Мизо.

Потпретседателот Тефлик посочи дека ова е најголемата и најмодерна фабрика во регионот, инвестиција од над 20 милиони американски долари во која „Адиент“ ќе вработи повеќе од 1.300 лица, дополнително, како што рече, потврдувајќи ја својата силна заложба за инвестирање во македонската економија.

- Пред една година ја најавивме изградбата на нашата нова фабрика, а денеска стоиме пред неа – една од најголемите и најмодерни фабрики за производство на автомобилски компоненти во регионот. Оваа инвестиција е уште еден јасен доказ за нашите намери да инвестираме во македонската економија и претставува уште еден важен чекор кон проширувањето на нашата производна мрежа во Европа, што пак, дополнително ќе придонесе кон обезбедување на нашите клиенти со диференцирани производи базирани на квалитет, технологија и перформанси, рече Тефлик.

„Адиент“ има 230 погони во 33 земји од светото со над 75.000 вработени.

 

 

 

15.06.2017 - 13:48

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега