Комплиментот даден на улица е сексуално вознемирување

Во српското законодавство, од 1 јуни годинава ќе бидат воведени нови кривични дела за полово вознемирување. Во иднина, со измените и дополнувањата во Кривичниот законик на Србија ќе бидат санкционирани сите недолични однесувања, непристојни понуди и коментари кои некому предизвикуваат непријатност. За кривично дело ќе се смета кога на жена ќе ѝ се упати комплимент против нејзината волја или тоа се прави нападно. Како полово вознемирување се подразбира испраќање пораки, често повикување на телефон, следење или пречекување пред домот на жената и за тоа е предвидена казна од три години затвор.

Овие кривични дела се воведуваат заради заштита на жените, но тие оставаат простор за злоупотреби и манипулации, сметаат правниците. 
- Ако некое лице се движи по улица и некој му дофрла, или некој кој поминува со возило употребува сирена, тогаш тоа лице, во најчест случај жена, е изложено на кривично дело полово вознемирување - вели Ненад Стефановиќ од Здружението на тужители. 

Разликата меѓу комплимент и полово вознемирува постои и преку неа не смее да се преминува, објаснуваат правните експерти за РТС. 
- Намерата не е да се санкционираат комплиментите. Кога постои нормален однос меѓу сограѓаните, тоа е дозволено. Доколку на едната страна во таа општествена интеракција не ѝ се допаѓа, и тоа јасно го искажува дека не посакува таква комуникација, тогаш можеме да говориме дека се поминати границите и има основа за постоење на евентуално кривично дело - вели Радомир Илиќ, државен секретар во Министерството за правда. 

Коментарите на граѓаните во Србија се однесуваат на тоа дека може да се даде комплимент на жена дека е паметна, но не може да се дава комплимент за физичкиот изглед ако луѓето не се познаваат. 
- Сѐ почесто комуникацијата се однесува на сексуално вознемирување отколку на давање комплимент. Едно е да се каже дека таа е слатка, но да ѝ се зборува сѐ и сешто е сосема друго. Зависи како ќе се разбере и зависи од тоа кој го кажува - се некои од коментарите на граѓаните. 

Дали нешто ќе се протолкува како полово вознемирување зависи, пред сѐ, од личното доживување. Досега беше неопходно гонителот да се заканувал за да може обвинителството да го гони за кривично дело - загрозување на сигурноста.
- Лицето може преку телефон да испраќа СМС или да ја повикува, притоа не мора да бидат упатени навредливи зборови или закани кон жената. Но ако жртвата едноставно не сака таква комуникација и ако тоа трае во еден временски период, тогаш тоа е вознемирување - објаснува Јелена Томковиќ, од Управата за криминалистичка полиција. 

Ненад Стефановиќ објаснува дека во Србија преовладува сфаќањето дека упорноста се исплати за да ѝ се допаднете на некоја личност. Но сега законодавецот ја утврдува таа граница на упорност.
- Сѐ додека комуникацијата се одвива на фин начин е дозволено, а кога се поминува таа граница на пристојност и во комуникацијата преку социјалните мрежи тоа веќе претставува прогонување - објаснува Стефановиќ.

 

 

 

30.05.2017 - 11:52

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега