Почина великанот на македонското сликарство Владимир Георгиевски

Великанот на македонското сликарство Владимир Георгиевски почина утринава во Скопје. Имаше 74 години.

Во целокупното творештво на Владимир Георгиевски, човекот и неговата судбина се постојана тема, естетска провокација и креативна преокупација. Георгиевски има поминато низ неколку фази на уметничко изразување, но секогаш успешно сочувувајќи ја нагласената оригиналност.

Во неговите слики, цртежи, рељефи, скулптури, театарски костимографии и сценографии се редат актери од сите слоеви на цивилизацијата: шпанскиот благородник Дон Кихот, Достоевски, Бах, Бетовен. Адам и Ева се исто така живи во опусот на Георгиевски, како и светото тројоство, драмата на распнувањето и оплакувањето. Мотивите на старите чевли, лебот, камењата, сувите лисја потсетуваат на трагите на човековото постоење.

Владимир Георгиевски исто така создал сценографски и костимографски решенија за преку 30 театарски претстави во Македонија и во земјите на поранешна Југославија.

Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија. Како поранешен член на Удружење ликовних уметника Србије излагал во сите центри на поранешна Југославија.

Реализирал студиски патувања во Италија, Франција, Русија, Велика Британија, САД, Белгија и Холандија.

Самостојни излагања имал во Скопје, Белград, Истанбул, Виена, Рим, Киев, Софија и Санкт Петерсбург.

Извор: Нова Македонија

 

 

 

25.05.2017 - 16:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега