Американското катче во Скопје на нова локација

Амбасадата на САД и општина Центар денеска потпишаа Меморандум за разбирање со кој општината обезбедува нови простории за Американското катче во Скопје.

Документот го потпишаа градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски и Лаура Браун, советник за односи со јавност во Амбасадата на САД.

Браун посочи дека ваквите катчиња кои ги има во повеќе земји се можност за учење за американската историја и култура, помош за лицата кои сакаат да студираат во САД.

- Возбудени сме за новата соработка со општина Центар. Ова е можност нова генерација млади луѓе да се запознаат и да го шират пријателството меѓу двете земји, рече Браун.

Според Жерновски, ова влегување во партнерски однос помеѓу САД и општина Центар е исклучително значајно и носи придобивки за граѓаните на општината.

- Влегуваме во партнерски однос што е бенефит за граѓаните на општина Центар, бидејќи ќе имаат пристап до голем библиотечен фонд, ќе можат да добиваат информации за стипендии и ќе се запознаат со образовните програми во САД, рече градоначалникот Жерновски.

Новата локација на Американското катче е во катната гаража на Судска палата, а опремувањето и обезбедувањето библиотечна колекција е обврска на Амбасадата на САД.

Катчето ќе го користат сите граѓани бесплатно и ќе биде отворено за јавноста во работните денови. Досега Американското катче беше сместено во доградбата на Националната и универзитетска библиотека „Свети Климент Охридски“.

 

 

 

01.03.2017 - 15:45

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега