Градежништвото и годинава главен двигател на македонската економија

Градежништвото и во 2017 година ќе биде главен двигател на македонската економија. Овој сектор се очекува да оствари раст од 5,2 процента, како резултат на планираните инфраструктурни проекти, пишува Лидер.

-Во рамки на јавните инвестиции е предвидена реализација на проекти за подобрување на транспортната мрежа во земјава, за подобрување на енергетската и на комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции во образовниот, социјалниот и во здравствениот систем. Определбата за постојано зголемување на јавните инвестиции во изминативе години се покажа како добра за повеќе сектори, пред сè за градежништвото и индустријата, затоа од 2009 година наваму постојано се зголемува износот на капитални инвестиции во буџетот, вели министерот за финансии, Кирил Миноски.

Годинава се предвидени за 20,7 проценти повеќе пари за капитални инвестиции во однос на лани, односно 438 милиони евра.

-Високиот процент на извршените работи во нискоградбата не прави среќни, бидејќи се тоа инфраструктурни, капитални објекти кои се битни за државата и населението, вели претседателот на Здружението на градежништво при Стопанската комора на Македонија, Андреа Серафимовски.

Реализацијата на крупни капитални инвестиции го раздвижи градежниот сектор во 2016 година. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во трите квартали (за четвртиот се уште нема податоци) испорачувал високи стапки на раст. 6,9% била позитивата во првото тримесечје од минатата година, огромни 31,4% бил растот во вториот квартал, а 10,3% е плусот во третиот. Ова придонесе земјава да оствари просечен раст на БДП од 2,7% во периодот јануари – септември.

-Градежниот сектор е еден од главните двигатели на економијата во последните три години и ќе остане барам во идните две години. Инфраструктурните проекти направија да се раздвижи не само градежништвото, туку и други 25 стопански гранки коишто се тесно поврзани со градежништвото, вели претседателката на Сојузот на стопански комори, Данела Арсовска.

Долгорочна работа за градежниците

Фактот што продолжува изградбата на трите нови автопати (Кичево – Охрид, Миладиновци – Штип и Демир Капија – Смоквица), реконструкцијата на повеќе автопатски делници, изградбата на експресни, регионални и на локални патни правци, на железницата кон Бугарија, сето ова им дава надеж на македонските градежници дека и годинава ќе имаат полни раце работа.

-Градежништвото и натаму е еден од моторите на економскиот раст. Новите проекти за изградба на делници од брзи патишта, заедно со планот и натаму да се градат локални патишта, очекуваме да придонесуваат за натамошен раст. Капиталните проекти се повеќегодишни и за нив е веќе обезбедена финансиска конструкција, што влева сигурност, објаснува првиот човек на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, Роберт Хот.

Политиката на одвојување големи суми пари за капитални проекти ќе продолжи и во идниот период.

-Издвојуваме значајна сума за капитални инвестиции, највисока досега, во насока на поддршка на економскиот развој, вели министерот Миноски.

Реализацијата на сложени инфраструктурни проекти на домашен терен придонесе градежните компании целосно да ги ангажираат расположливата механизација и човечки потенцијал, па оттука и не треба да изненадува што во првите три квартали од 2016 година има пад на договорените градежни работи во странство за 27,2%.

Се ѕидаат нови згради и станови

Градежните компании ќе имаат работа и во претстојниот период. Државниот завод за статистика соопшти дека во ноември 2016 година биле издадени 363 одобренија за градба, што е за 14,2 процента повеќе во однос на истиот месец од претходната година.

60,3% од издадените одобренија се наменети за објекти од високоградба, 14,9% за нискоградба и 24,8% за објекти за реконструкција. Во 65,8% како инвеститор се јавува приватно лице,  во 34,2% деловен субјект. Само во овој период е предвидена изградба на 985 станови со вкупна корисна површина од 86.342 квадратни метри. Статистиката покажува и дека најпродавани се становите со површина од 45 до 55  квадратни метри.

-Агенцијата за катастар на недвижности очекува да продолжи растот на понудата, односно зголемување на бројот на новоизградени станови, а да дојде и до благ пад на цените, како резултат на намалената активност на пазарот на недвижности, објаснува директорот на Агенцијата за катастар на недвижности, Славче Трпески.

Градежниците бараат политичка стабилност

Градежниците, како и другите бизнисмени го чувствуваат товарот од политичката криза. За нив е важно да има стабилност и предвидливост, да се реализираат капиталните вложувања, граѓаните да се сигурни при правењето долгорочни инвестиции, како што е купувањето стан или куќа.

-Градежништвото како сектор е многу специфичен, бидејќи долги години треба да го стабилизираш, градиш и развиваш, а да се урне е потребно малку. Ние сме многу внимателни и сметаме дека годинава големо внимание ќе има времетраењето на политичката криза. Градежниците сакаат да работат и да егзистираат, со тоа егзистираат околу 52 илјади вработени во овој сектор, вели Серафимовски од градежното здружение при СКМ.

Освен политичката криза, како фактори кои имаат ограничувачко влијание врз развојот на градежниот сектор се наведуваат и високите трошоци за материјали, зголемените банкарски камати, недоволната побарувачка.

Предизвик останува да се обезбеди квалификуван и добро поткован кадар, бидејќи во овој сектор веќе подолг период има недостиг од работници.

-Има работа за градежниците, но се соочуваме со еден реален проблем, немаме квалификувана, мајсторска работна сила, вели градежниот бизнисмен Гордан Бошкоски.

 
 
17.01.2017 - 09:12

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега