Сликата со рудниците во Македонија се менува

Над 150 активни рудници за експлоатација на олово, цинк, бакар, сребро и злато, учество со околу 1,5 проценти во БДП, 13 илјади вработени. Вака изгледа картата на македонскиот рударски сектор. Сликата значително и забрзано се менува, како резултат на новите инвестиции. Се вршат истражувања, се вложуваат милиони евра во нови капацитети, се отвораат работни места и се подига животниот стандард на рударите, пишува Лидер.

Нова страница во „Злетово“ и во „Тораница“! 

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа грижа за македонските рудари од Пробиштип и од Крива Паланка. Откако претходниот концесионер на рудниците „Злетово“ и „Тораница“, компанијата „Индо минерали и метали“ ги доведе во неповолна положба, државата пронајде стабилен партнер во бугарската „Минстрој“. Рестартирано е производството и во двата капацитета, на работа се враќаат околу 1.000 рудари

„Платите се редовни и навремени, тоа е основната политика на компанијата. Ние имаме вкупно 3.000 вработени во нашите компании. И овие од рудниците, како и сите останати наши работници имаат еден датум кој го почитуваме за плата, и ако тој се паѓа во сабота, ние пуштаме плата во петок“ – вели првиот човек на бордот на директори на „Минстрој“, инвеститорот Николај В’лканов.

Новата инвестиција е важна за сите вклучени. За Бугарите носи профит, за рударите значи редовни примања и сигурна иднина, за општината дополнителни приходи во локалниот буџет, пари кои потоа повторно се инвестираат за развој и за подигнување на квалитетот на живот.

„Секоја инвестиција е добродојдена, и за градот и за државата. Рудникот „Тораница“ е поврзан речиси со сите сегменти на живеење во Крива Паланка. Многу значи враќањето на работа и ставањето крај на неизвесноста за работоспособното население со долгогодишно искуство, се подобрува и економијата во општината, се овозможува подобар локален економски развој, се подобрува личното и економското живеење на сите граѓани“ – вели градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Бугарите брзо ја завршија работата. Во август го вратија во живот рудникот „Злетово“, а на почетокот на декември и „Тораница“, што е показател за нивната посветеност во овој бизнис.

„Кога првпат дојдовме во „Тораница“ наидовме на рушевина. Денес, пет месеци подоцна, можам да кажам дека ангажираните 210 лица направија напори рудникот да биде подготвен за работа. Ние вложивме многу, инвестиравме во нови машини, нови технологии и очекуваме уште механизација да пристигне до март 2017, кога рудникот ќе остварува полн капацитет  на работење“ – објаснува В’лканов.

„Рудникот „Злетово“ е во понапредна фаза и претставува најдобар показател како работи инвеститорот. Платите се веќе покачени за 50-60 отсто“ – вели македонскиот премиер Емил Димитриев.

Освен директни вработувања, со зголемувањето на интензитетот на работата на рудниците се очекуваат дополнителни, индиректни вработувања, со што вкупниот број на работни места ќе достигне околу 1.500 луѓе.

„Брзината на реакцијата е многу важна за да ги задржиме инвеститорите заинтересирани за Македонија. Ако тие се откажат од кај нас, ќе инвестираат на друго место. Се надеваме дека по изборите, значи од идната година, рударството ќе работи во подобри околности“ – смета првиот човек на Македонската асоцијација на рударство, Николајчо Николов.

Над 2.000 вработувања во нови рудници 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, објави дека во Македонија ќе се отворат нови рудници. Вкупно ќе креираат повеќе од 2 илјади работни места, а и значително ќе го зголемат учеството на овој сектор во БДП на земјава.

„Повеќе од 10 нови рудници ќе бидат отворени следните четири години или ќе се вршат детални истражувања по што ќе се почне со ископ. Доколку се реализираат тие очекувања треба да донесат нови 2.200 директни и повеќе стотици индиректни вработувања“ – вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Еден од рудниците е во Кратово, треба да се отворат 300 нови работни места.

„Во Кратово се направија многу работи, а ќе се направат и други во иднина. Ќе се отвори нов рудник, ќе се вработат над 300 луѓе. Значајна е и изградбата на експресниот пат Ранковце – Крива Паланка во должина од 26 километри, во износ од 78 милиони евра, како и изградбата на втората фаза од хидросистемот Злетовица“ – вели Груевски.

Уште еден рудник ќе се отвори кај Конче. Ќе се рестартира рудникот за бакар „Боров Дол“, за кој е во тек постапка за доделување концесија. Инвеститорот планира да вложи 87 милиони евра. Се работи за рудник што е во близина на „Бучим“ и за кој се верува дека може да му го продолжи континуитетот на работата за уште десеттина година.

Милионски инвестиции во Валандово и во Босилово

Во Македонија по цели четири децении се гради нов рудник. Компанијата „Сардич МЦ“ во валандовски „Казан Дол“ почна да го гради комплексот за производство на катоден бакар. Инвестицијата е вредна 35 милиони евра. Ќе се отворат 250 работни места, 100 директни и 150 индиректни вработувања.

„Планираме да инвестираме и во Старо Нагоричане, каде што се планира 10 пати поголема инвестиција, околу 350 милиони евра. Паралелно ќе изградиме фабрика за производство на бакарни производи. Владината политика на отворени врати за инвестициторите е добра“ – рече инвеститорот Владимир Скубенко.

Паралелно, канадската компанија „Еуромакс ресорсис“ го реализира своето вложување од цели 500 милиони евра во Босилово. Ќе се вработат повеќе од 400 луѓе. Компанијата инвестира во рудникот „Иловица“, едно од поголемите наоѓалишта на бакар и на злато на Балканот. Резервите се проценуваат на над 500 милиони тони руда.

Новите инвестиции во рударскиот сектор значително ќе влијаат врз растот на индустриското производство, ќе повлечат ангажман и на градежните компании, а ќе придонесат и за дополнително намалување на стапката на невработеност.

„Се рестартира производството во рудниците, се раздвижува индустријата за минерални суровини и руди, се подобрува регионалниот економски развој, се креираат дополнителни работни места и со тоа се влијае на намалување на невработеноста и на зголемување на индустрискиот раст“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.

 
 
06.12.2016 - 09:47

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега