Одбележан денот на државноста на БиХ

25 ноември, ден на државноста на БиХ е еден од оние празници кои во исто време фрлаат светлина врз идејата на земјата зацртана во 1943 година и она што го гледаме денес. На тој ден, во Мркоњиќ град е одржано Првото заседание на антифашистичко собрание на народното ослободување на Босна и Херцеговина (ЗАВНОБИХ) на кое е беше изразена одлучноста на народите на БиХ дека нивната земја ќе биде збратимена заедница и во која ќе биде осигурена целосна рамноправност на сите, како и на БиХ во рамки на југословенската федерација, со историски граници кои датираат уште од времето на средновековна Босна.

Денот на државноста на БиХ е потсетник на вечната борба помеѓу идеалите и стварноста, желбите и можностите.

Ова беше повод, Здружението за културно обединување на Бошњаците од Македонија „АВАЗ“ да организира настан на кој присуствуваше заменик амбасадорот на БиХ, г-дин Јасмин Гагула, градоначалникот на општина Петровец, Борче Митевски, како и бројни гости од разни сфери како културни, политички, бизнис и др.

Овој настан симболично потсети дека заедница од наизглед различни луѓе, може да опстане, дури и повторно да настане за време, но и по најголем песимизам.

Особено беше истакнато интензивното вклучување на Бошњаците во виталните текови на општествениот живот  на Република Македонија, кое не се реализира ни доживува како асимилација, ниту го доведува во прашање нивниот културен, етнички и духовен идентитет.

Во таа смисла, здружението за обединување на Бошњаците од Македонија, постхумно додели благодарница на г-динот Алија Шахиќ, за особен придонес. Шахиќ беше првиот Бошњак пратеник во независна Р. Македонија.

Беше промовирано и второто издание на книгата Ахмед чиј автор е писателот Шефкија Боранчиќ. Книгата ја промовираа Изета Бабачиќ и доц. д-р Зеќир Рамчиловиќ.

Во својот осврт, г-ѓа Бабачиќ, истакна дека овој роман има клучна улога за културното богатство на Македонија и дека најдобра област за докажување е во областа на културата и уметноста преку што се докажува и нивното постоење една држава.

„Овој роман претставува уште еден прилог кон културната ризница која ја создаваат бошњачките писатели во Р. Македонија со што, како нејзини граѓани го дополнуваат културното богатство на Македонија која може да се гордее со нив“, изјави Бабачиќ.

Бабачиќ, цитирајќи дел од книгата, додаде дека главната порака кон која треба да се придржуваат сите на Балканот е интеркултурната порака.

„Злосторствата се еднакви, тие немаат национална идентификација. Тие можат да се поделат само на луѓе и на нелуѓе“, рече Бабачиќ.

Другиот промотор, г-дин Зеќир Рамчиловиќ, рече дека многу луѓе ќе може да се поистоветат во романот со сите свои погрешни исправни проценки.

„Авторот има историска подлога и нуди одговори од кои зависи иднината не само на Бошњаците туку и на целокупниот развој и просперитет на овие простори“, изјави Рамчиловиќ.

Рамчиловиќ истакна дека авторот Боранчиќ настојува за секого да го трасира патот на вистината и цитирајќи дел од книгата истакна дека Македонија има долга традиција на взаемното почитување на конкретните културни, етнички и религиски  заедници како Бошњаците кои тука припаѓаат.

„Тука најдов мир и спокој. Македонците се добри луѓе. Помагаат колку можат. И на нив не им е лесно. Чесноста ги брани“, рече господинот Рамчиловиќ.

Може да се заклучи дека творештвото на Бошњаците во Македонија, е можно благодарение на фактот што современата, суверена и самостојна Република Македонија, продолжува да ги негува и афирмира истите оние највисоки идеали кои ги негувала и низ целата своја историја. Навистина, Бошњаците својот оптимизам, можат да го градат во време кога тоа од нив не се очекува.

25 ноември е шанса да се потсетиме, дека секоја неправда има крај. Визијата може да ја креира стварноста. Со добра волја и искрени желби за иднина во заедништво со различностите, нека е честит денот на државноста на БиХ!

 
 
26.11.2016 - 17:04

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега