Македонските аеродроми уриваат рекорди

Македонските аеродроми уриваат рекорди. Од месец во месец се зголемува бројот на превезени патници, бројот на операции и на нови конекции. Во трите квартали од годинава е регистриран раст од цели 17 проценти во однос на истиот период лани, со превезени 1.382.714 луѓе.„Остануваме фокусирани на привлекување нови авиокомпании, отворање нови дестинации и зголемување на бројот на фрекфенции на постоечките рути, со цел да генерираме поголем сообраќај“ – вели генералниот директор на ТАВ Македонија, Зоран Крстевски.

Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје повеќе не е изолирано острово како во минатото. Се воведуваат нови директни летови кон дестинации во Европа и во светот, нови конекции. Скопскиот аеродром се трансформира во регионален центар. За девет месеци има раст од 11% на бројот на полетувања и слетувања, на вкупно 13 илјади и 9 летови.

„Со новите дестинации очекуваме натамошен пораст на авиосообраќајот, што ќе ги направи нашите аеродроми поатрактивни и повидливи на регионално ниво за глобалните авиокомпании и тур-оператори“ – објаснува Крстевски.

Директна врска до 33 дестинации

Сликата за македонските аеродроми е комплетно променета. Граѓаните можат да патуваат по достапни цени до повеќе градови во Европа, но и надвор од нашиот континент.

„Со достапните цени на авиобилетите создадовме можност да се посетуваат најатрактивните дестинации во Европа, можност граѓаните полесно да патуваат“ – вели министерот за транспорт, Владо Мисајловски.

Скопскиот аеродром нуди директни линии до 33 дестинации. Од „Александар Велики“ се лета кон: Ајндховен, Барселона, Базел, Белград, Берлин, Братислава, Брисел, Келн, Копенхаген, Доха (од 1 јануари), Дортмунд, Дубаи, Франкфурт, Гетеборг, Хановер, Истанбул, Прага, Љубљана, Лондон, Малме, Милано, Минхен, Нирнберг, Осло, Париз, Рим, Стокхолм, Венеција, Виена, Загреб, Цирих, Фридрихсхафен, Хамбург.

23 од вкупниот број на дестинации ги овозможува „Виз ер“, унгарска нискотарифна авиокомпанија, субвенционирана од македонската Влада.

„Субвенциите кои ги даваме за реализација на евтини авиолетови обезбедуваат мобилност за македонските граѓани и прилив на гости во Република Македонија. Зголемиот број на патници директно поддржува развој на поголем број на сектори, транспортот, угостителството, туризмот и останатите гранки кои имаат корелација со нив“ – вели владиниот портпарол, Александар Ѓорѓиев.

Од авиокомпанијата велат дека ќе продолжат да ја поврзуваат Македонија со светот.

„Остануваме посветени на Македонија и ќе продолжиме да ги нудиме најниските можни цени за авиобилети“ – вели Тамара Валоис од „Виз ер“.

„Македонскиот пазар е пазар што треба да биде стимулиран. За луѓето да патуваат со авион е потребно трошоците да бидат колку што е можно пониски“ – вели првиот човек на „Визер“, Јозеф Варади.

Процентуално, македонските патници најмногу летале со „Виз ер“, па следуваат „Туркиш ерлајнс“, „Аустријан ерлајнс“, „Германија флуг“, „Пегасус ерлајнс“. Најпосетена дестинација се уште е Истанбул, а потоа се Цирих, Виена, Базел, Малме и Лондон. Голем интерес има и за Барселона и за Дубаи.

Повеќе прочитајте на ЛИДЕР

 
 
06.11.2016 - 10:10

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега