Инвестицијата на ЛЕАР ќе влијае на намалувањето на невработеноста

Американската компанија „Леар корпорејшн“ пред два дена во Тетово го отвори својот прв производствен капацитет во Македонија.

Фабриката лоцирана во ТИРЗ Тетово се простира на 12.000 метри квадратни. Располага со современи машини. До 2018 година се планирани бројот вработувања до 2.000 лица, но бројката може да достигне и до 3.000 преку планирана експанзија од дополнителни 8.000 метри квадратни.

„Леар Корпорејшн“ е еден од водечките добавувачи на автомобилски седишта и електрични системи за дистрибуција. „Леар“ ги опслужува сите поголеми производители на автомобили во светот и содржината на „Леар“ може да се најде на повеќе од 350 ознаки на производители на возила. Производите на „Леар“ кои се од светска класа се дизајнирани, проектирани и произведени од разновиден тим кој брои околу 140.000 вработени, распределени во 36 земји. „Леар“ во моментов е рангиран на 154-тото место од листата на „Форчун 500“.  Седиштето на „Леар“ е во Саутфилд, Мичиген, САД.

Првично, оваа компанија почна со работа на  браунфилд локација во Гостивар преку вработување на 300 лица со вештини за кроење и шиење кожа и ткаенина за производство на автомобилски навлаки за седишта.

– Отворањето на оваа фабрика е нова историја за Тетово и регионот за чија важност се боревме со неколку земји од регионот. Динамиката на работа и задоволството на фирмата од локалниот кадар ни дава голем оптимизам за достигнување на планираниот капацитет од 2.500-3.000 вработувања. Со оваа фабрика, како кабинет, заокружуваме реализација на инвестиции каде моментално работат над 11.000 вработени и претставуваат раст на БДП од 300 милиони евра годишно, рече министерот за странски инвестиции Веле Самак.

Посочи дека од фабриката на „Леар“ во Тетово се очекува извоз во износ од 45 до 50 милиони евра годишно или прилив на околу 190 милиони евра во БДП на земјава во наредните пет години.

Заменик претседателот на „Леар“ за работа на тапацир за Европа и Африка, Свен Дам рече дека од производствениот погон во Тетово ќе се доставуваат висококвалитетни навлаки за автомобилски седишта за Јагуар и Ленд Ровер.

– „Леар“ е бренд кој значи перфекција. Тоа очекуваме да го постигнеме и овде во Тетово, рече Дам.

Нагласи дека напорно работеле во изминатиот период за реализација на инвестицијата во Тетово, која, како што рече, ќе биде дом на 3.000 семејства и ќе обезбедува делови за автомобилската индустрија.

Директорот на Нормак инвест груп, фирмата која стопанисува со ТИР Тетово, Аки Адеми посочи дека заедно со државните институции во изминатите три години морале многу заедно да научат за да се реализира објектот на „Леар“.

– Идустриската зона во Тетово е веќе реалност и во неа е лоциран објектот на еден од најголемите странски инвеститори во земјава. Нормак инвестмент груп вложи 10 милиони евра во објектот на „Леар“ и убеден сум дека отворањето на нивниот објект ќе придонесе во многу блиска иднина да имаме отворање на нови капацитети во зоната, рече Адеми.

Значително намалување на невработеноста во Тетово

Бројките во Тетово покажуваат дека изминативе години има огромен пад на невработеноста, односно раст на вработеноста.

Во 2005-тата година, бројот на невработени лица во Тетово беше 27.300. Денес истиот број бележи пад на 18.400 невработени, односно за 8900 невработени помалку.

Бројот на вработени граѓани на Тетово во 2005-та година изнесуваше 19.000, а сега овој број изнесува 27.800, што претставува раст од 8.800 вработени.

Отворањето на ЛЕАР дополнително ќе ја намали невработеноста.

Груевски: Отвoрањето на „Леар“ е многу значајна работа за полошкиот регион

Отворањето на Леар за овој регион, за Тетово, Гостивар, целиот полошки регион ќе биде многу значајна работа затоа што ќе се вработат најмалку 2000 луѓе како директни вработувања. Плус ќе има и многу индиректни вработувања. Кога се работи за ваков голем капацитет, тоа е вообичаена работа, изјави за ТВ Нова лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Груевски потенцира дека долго време се работело на донесувањето на оваа компанија во Македонија. На оваа инвестиција работел министерот Веле Самак, а првиот контакт бил направен во 2013 година.

-До сега веќе 500 луѓе работат, за два месеци од сега ќе работат 800, а вкупно е планирано да стигнат до најмалку 2000 вработувања. Значи, 2000 нови работни места за овој регион, и тоа само директни, плус индиректните. Тоа е сериозен инпут во намалувањето на невработеноста за овој полошки регион, рече Груевски.

 
 
05.11.2016 - 13:20

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега