Работни места и инвестиции: Признание за реформите и добрата бизнис-клима

Македонија забрзано гради модерна и компетитивна економија, економија во која е лесно да се води бизнис, да се произведува и остварува профит, да се биде иновативен, што резултира со континуирано намалување на невработеноста во земјава, пишува Лидер.

Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ покажа дека го разбира бизнисот и потребите на стопанствениците, креира поволна бизнис – клима и деловен амбиент, приватниот сектор има простор да генерира раст и да придонесува кон економскиот развој, да отвора нови работни места. Ова, заедно со политиката на привлекување странски инвестиции и поволностите за домашните фирми се главните „виновници“ за напредокот на Македонија.

Светска банка го валоризира трудот на Македонија

Македонија е повторно еден од водечките реформатори во светот. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ постигнува економски резултати кои не остануваат незабележани во глобални рамки. Светска банка во својот последен „Дуинг бизнис“ (Doing business) извештај за 2017 година ја рангираше државата на десеттото место во светот и на петтото во Европа во однос на леснотијата за водење бизнис!

Македонија е подобро рангирана од 25 земји – членки на ЕУ и во глобални рамки е во друштво на: Нов Зеланд, Сингапур, Данска, Хонг Конг, Република Кореја, Норвешка, Велика Британија, САД, Шведска.

За тоа колку е направено на планот на подобрувањето на бизнис – климата е следниот податок – Македонија пред 10 години во овој извештај била рангирана на 94. место.

-Најдобро рангирана економија во регионот е Македонија, на 10. место во светот. Благодарение на спроведените реформи, сега на еден претприемач во Македонија му се потреби само два дена да отпочне бизнис, што е значително помалку во однос на регионалниот просек од 10 дена, наведува Светска банка.

Земјите од регионот се далеку зад Македонија: Словенија (30), Романија (36), Бугарија (39), Хрватска (43), Србија (47), Црна Гора (51), Албанија (58), Косово (60), Грција (61), Турција (69) и Босна и Херцеговина (81).

Каква е личната карта на Македонија?

Македонија во извештајот на Светска банка бележи импресивни резултати. Во делот на започнување со бизнис е на 4. Место во светот, кај градежните дозволи е на 11. позиција, 29. кај снабдување со електрична енегија, 48. кај регистрацијата на имот, 16. во делот на добивање кредит, на високо 13. место во делот на заштитата на малцинските инвеститори, деветти сме кај плаќањето даноци, 27. во надворешната трговија, 36. во спроведување на договорите на дело, а 32. во решавање на инсолвентноста.

-Постојат малку работи во кои Македонија е во топ 10, во најдобрите 10 во светот. Едно од тие е рангирањето од Светска банка за најдобра бизнис – клима, мерејќи ги сите земји во светот, вели лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Груевски ги откри тајните на успехот за „Форбс“

За економскиот успех на Македонија пишува и престижниот „Форбс“. Американскиот магазин објави интервју со Груевски, а во воведот се истакнува дека токму владејачката партија ќе ја однесе победата на 11 декември.

Македонија излегува од политичката криза, умешно се справува со мигрантскиот бран, се водат успешни економски политики – ова се клучните поенти наведени во текстот.

-Ние ја намаливме стапката на невработеност од 38 на 24 проценти. Сепак, невработеноста останува проблем. Но, Владата презема мерки да ја потпомогне домашната економија, да донесеме странски капитал и да создадеме поволна бизнис – клима во која вработеноста расте, иако се уште не сме задоволни со нивото кое што го имаме сега. Ниските даноци се клучен фактор во нашиот план. Тие ги поттикнуваат инвестициските компании да ни го обрнат потребното внимание кога размислуваат каде да се прошират. Воедно, ги намалуваме и даноците на додадена вредност во некои сектори од 18 на 5 проценти. Ова е само мал дел од мерките кои ги преземавме со цел да ја одржиме економијата во услови на политичка криза. Ниските даночни стапки се двигателот на инвестицискиот интерес во Македонија, вели Груевски.

Во исто време, Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ продолжува да го стимулира стопанството преку висок износ на капитални инвестиции. Политичката криза ја забавува реализацијата, но износот е се уште висок. Само за в година се предвидени 438 милиони евра за капитални зафати, како гасификација, патишта, железница, инвестиции во различни проекти од интерес на граѓаните.

-Се очекува капиталните инвестиции да постигнат рекордно ниво со овој буџет, но приоритетот е кон фискалната политика, кон важните инвестиции во инфраструктурата и социјалните програми како образованието и здравствената заштита, за кои сите сме согласни дека ни се потребни, вели Груевски.

Инвестиции и во време на криза – расте извозот од зоните

Македонија успеа и во време на политичка криза да привлече странски инвестиции, во и надвор од слободните зони, кои влијаат на раст на извозот кон странство, но и на отворање нови работни места, воведување нови технологии во стопанството, како и на креирање можности за соработка и бизнис на домашните фирми кои влегуваат во добавувачкиот синџир на странците.

Последните податоци за периодот јануари – септември покажуваат раст на извозот од зоните за 19,2 процента, што сигнализира дека наскоро може да се достигне бројката од 2 милијарди евра. Компаниите што оперираат во ТИРЗ веќе го зголемуваат производството и отвораат нови работни места.

-Многу е важно што компаниите кои инвестираат не се фокусираат само во Скопје, туку во повеќе градови, а тоа овозможува младите да се задржат тука. Инвестирањето на странските компании многу влијае за намалување на невработеноста, невработеноста се намали од 38 на 24 проценти, а со намалувањето на невработеноста доаѓа зголемувањето на платите. До крајот на годинава се очекуваат уште неколку нови странски инвестиции. Се надевам дека во следните шест до осум недели ќе имаме дополнителни компании кои позитивно ќе одлучат за нас, вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.

„Во ниту еден момент не престанавме да работиме со бизнис – заедницата. Нашата економија продолжи да расте. Не го нарушивме кредитниот рејтинг. Убедивме неколку нови компании да инвестираат во Македонија. Нема да биде совршено, но мислам дека земјата сега оди во подобра насока“ – порачува Груевски.

 
 
26.10.2016 - 08:36

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега