Пуштена во употреба мала хидроелектрана во Липково

Денеска министерто за економија Ваљон Сарачини присуствуваше на пуштањето во употреба на мала хидроелектрана во Липково.

- Во општина Липково, овој концесионер ја изгради малата хидроелектрична централа на водотекот на реката Брестјанска, со вкупен инсталиран капацитет кој изнесува 607 киловати, при што очекуваното годишно производство е проценето на околу 2.500 мегават часови, а големината на  инвестицијата за оваа електрана е околу 1,6 милиони евра, изјави Сарачини.

Во насока на економскиот и регионалниот развој, Министерството за економија потпиша и еден Договор за концесија за вода, за изградба на мала хидроцентрала на реката Гошинци, исто така во општина Липково, со компанијата Сол Хидропауер ДООЕЛ Скопје, со вкупен инсталиран капацитет од 2 мегавати, очекувано годишно производство од околу 7.000 мегават часови, и предвидена инвестиција од околу 3 милиони евра.

- Со изградбата на овие две мали хидроелектрични централи во општина Липково ќе се инвестираат околу 4,6 милиони евра. Градежните активности во кои спаѓа околу 70 отсто од инвестицијата се реализираат со домашните локални компании со што се бележи заживување на локалната економија. Секако, очекуваме и нови вработувања, како во фазата на изградба на малите хидроцентрали, така и во фазата на одржување, кога ќе бидат ставени во функција, истакна Сарачини.

Инвеститорот на хидроцентралата на Брестјанска Река, Данило Фрас рече дека хидорецентралата е изградена во рекордно време.

- Може да им честитам на сите за брзо завршената процедура, што не е случај во останатите држави во регионот, каде што, исто така, инвестираме во мали хидроцентрали, за што сме специјализирани. Многу сме задоволни од соработката со Министерството за економија и општината Липково и слободно можам да кажам дека ова е најдобар пример за соработка помеѓу инвеститорот, локалната власт и централната власт во поглед на реализација на еден проект, нагласи Фрас.

 

најчитано сега