КФМ ќе ги прекрши сите правни акти за да го спаси Работнички

Кошаркарската федерација на Македонија (КФМ) ќе ги прекрши сите правни акти на Федерацијата за да не се казни најтрофејниот македонски кошаркарски клуб Работнички со преселба во третата лига.

Денеска се одлучува за кошаркарскиот клуб Работнички и неговиот статус како прволигаш. Комесарот за натпреварување, Бобан Јосифовски, за денеска закажа состанок на Здружението и ќе лобира кај сите прволигаши да се потпишат дека се согласуваат Работнички да остане прволигаш, иако правно, тоа не е можно.

Само ваков развој на настаните може да го остави најтрофејниот клуб во елитното друштво, што ќе претставува невиден преседан и кршење на правните акти на КФМ. Јосифовски, повика да биде направен правен преседан и Работнички да остане прволигаш. За да се оствари тоа, сите прволигаши треба да дадат зелено светло. Ако нема консензус кај прволигашите за еден ваков преседан, тој, комесарот, ќе си поднесе оставка затоа што не сака тој да биде оној што ќе го прати Работнички во третата лига. 

Kомесарот по овој случај првично се изјасни дека Работнички по казна треба да стане третолигаш, на што се жалеше клубот од Градскиот парк. Арбитражата на МKФ донесе одлука да ја укине одлуката за враќање во трета лига, а предметот повторно го врати кај комесарот, не сакајќи таа да даде конкретно решение.

-Ќе настојуваме да донесеме политичка одлука што ќе биде правен преседан, во интерес на името Работнички, но не на оваа управа, која не го заслужува тоа. Ќе предложам донесување на одлука во интерес на сите, како прв и единствен случај. Ако клубовите тоа не го прифатат, јас ќе поднесам оставка. Секој клуб ќе треба писмено да се изјасни. Ова го правам од спортски аспект - изјави Јосифовски. 

Денеска мора да се одржи состанок на прволигашите за да се разврзе овој јазол и да стане извесно како ќе продолжи првенството, кое треба да се игра овој викенд.

14.11.2014 - 13:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега