Муцунски: Во државата има само корупција и криминал, потребна е итна промена на власта

 
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Тимчо Муцунски, вчера гостуваше во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, каде зборуваше за теми поврзани со локалната самоуправа, актуелната политичка и економска состојба во државата.
 
Во рамки на гостување тој потенцираше дека во последните шест години во државата има само корупција, скандали и никакви реформи во домашната агенда, а владата се обидува да најде некое брзо решение со кое би се надминале овие препреки.
 
„Ние сакаме влада која ќе ја направи Македонија земја почитувана врз основа на тоа што се прави во делот на домашната агенда. Најдобра надворешна политика е цврста домашна политика, истакна тој.
 
Во однос на решавање на етнички прашања Муцунски потенцираше дека сите етнички заедници во Македонија се соочуваат со последиците од лошите економски политики на оваа влада, односно дека економската криза подеднакво удрила врз Македонците, Албанците и сите други етнички заедници во државата.
 
„Во Македонија нема лекови ниту за Македонците, ниту за Албанците. Во Македонија нема учебници, нема инфраструктурни проекти, а немаше ниту леб. И тоа се реалните проблеми на граѓаните“, додаде тој во контекст на економската состојба во која се наоѓа држава.
 
Муцунски во интервјуто на Канал 5 телевизија, реалната причина за недостатокот на леб, но и за другите економски проблеми ја лоцираше во немањето капацитет од страна на владата да воспостави соодветен дијалог со приватниот сектор.
 
„Кога управувате со институциите не може да се однесувате како да сте кралеви. Ова е демократија и вие треба да седнете со сите засегнати страни и да постигнете компромис“, додаде Муцунски.
 
Тој во интервјуто истакна дека оваа влада може да биде се, само не „европска влада“.
 
 
„Лицата што се претставуваат како европски фронт се најантиевропските поединци што ги имаме во државата, и сето тоа го руши кредибилитетот. Затоа ни е потребен ресет, прво да видиме што е тоа што треба да го направиме. Процесот на европска интеграција потребно е да го водиме не заради целите насочени кон земјите членки и Брисел, затоа што тоа е најдобриот начин да го трансформираме нашето општество и најдобриот начин, тие што заминале да ги вратиме, а тие што размислуваат да заминат, да ги убедиме да останат тука“, додаде тој.
 

Во тој контекст тој ја истакна потребата од итна промена на власта, ставање фокус на домашната агенда и водење политика која ќе ја направи Македонија држава со цврста и соодветна внатрешна политика, а истовремено почитувана во меѓународните односи.

Муцунски потенцираше и дека владејачката коалиција во последните шест години направила Македонија да биде заробена држава, во која се носат закони, одлуки и акти кои се во интерес на поединци и мали групи.

„Гледате дека фокусот не ни се кривичен и изборот законик, туку главен фокусна владата е новиот закон за игри на среќа за кој има индиции дека служи за интересите на групата која слободно може да ја наречеме ФК Мала Речица“, заклучи Муцунски во интервјуто.

10.03.2023 - 13:02

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега