Каква одлука ќе биде донесена: Дали АА ќе влезе во Влада или ќе остане в опозиција?

Централното претседателство на Алијанса за Албанците неделава ќе формира комисија која треба да преговара за евентуален влез на партијата во Владата или за останување во опозиција, откако Централното собрание викендов го овластило раководството да ја донесе конечната одлука.

Во саботата вечер, по завршувањето на Централното собрание на Алијанса за Албанците, претседателот на партијата Арбен Таравари, рече дека имале плодна дискусија на оваа тема, оти дел од членовите биле за, некои против, како и дека централното претседателство на партијата ќе треба да ја донесе конечната одлука.
 
– Централното собрание го овласти Централното раководство на Алијанса за Албанците евентуално да одлучи понатаму да има официјална екипа којашто ќе разговара следните шест-седум дена до максимум две недели за евентуално вклучување на Алијанса за Албанците во Владата или ако тоа продолжи повеќе евентуално да прекине и да донесе конечна одлука, изјави Таравари.
Тој појасни дека комисијата треба да ја избере претседателството на партијата.
 
– Централното претседателство ќе избере комисија што официјално ќе започне преговори и ќе видиме, ќе констатираме на Централно претседателство дали да се продолжи или да се прекине тотално. Имаше дискусија, беше плодна дискусија. Меѓутоа за кадровски решенија воопшто не зборувавме. Повеќе за програмскиот дел на што треба да внимава и да инсистира Алијанса доколку биде дел од Владата, кажа Таравари.
 

Претходно, пред одржувањето на Централното собрание, Таравари во изјава за една национална телевизија рече дека поканата за влез во Владата ќе ја прифатат само за сериозна борба против корупцијата и ако постојат шанси да се обезбедат 80 пратеници за уставни измени.

– Трето, најважен интерес на граѓаните е земјата да успее да ги направи уставните измени и да почнеме преговори со ЕУ. Ако добиеме информации од другите партии на власт дека постои можност за обезбедување на 80 гласови тогаш треба да им дадеме шанса на уставните измени и преговорите со ЕУ. Цениме дека со такво мнозинство ќе придонесеме полесно да се убедат и пратеници на ВМРО и целата партија да ги гласа уставните измени. Доколку нема такви шанси тогаш не гледаме причина зашто да бидеме дел од власта, изјави тогаш Таравари.

Во петокот премиерот Димитар Ковачевски, пак изјави дека разговорите со Алијанса за Албанците не се почнати.

23.01.2023 - 09:13

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега