ДИК ќе одлучува по однос на пристигнатите приговори од парламентарните избори


Државната изборна комисија (ДИК) денеска на пладне ќе одржи седница на која се очекува да ги разгледува и одлучува по однос на пристигнатите приговори од парламентарните избори. 

За изборните резултати до ДИК се поднесени 27 приговори, девет од Коалицијата Вреди, осум од ВМРО-ДПМНЕ,  пет од СДСМ и четири од Левица.

Претседателот на Државната изборна комисија Александар Даштевски на седница на ДИК посочи дека станува збор за групни приговори со опфатени повеќе избирачки места.

Од  Европскиот фронт предводен од ДУИ оценија дека со поднесени приговори до ДИК од други политички партии за нерегуларности на избирачки места во изборните единици 5 и 6 се прави обид да им се одземат два пратенички мандата. 

-Другите политички партии врз основа на непринципиелен политички дил и договор и газејќи врз волјата на граѓаните, на оркестриран начин поднеле приговори за избирачки места во Петтата и Шестата изборна единица, иако не е констатирана ниту една неправилност додека траеше изборниот процес и по неговото завршување. А дека тоа е така се самите потписи на сите членови на избирачките одбори предложени од самите политички партии кои денеска и овие денови поднеле приговори. Целта е јасна – сакаат на Европскиот фронт да му одземат два пратенички мандати иако тие се резултат на чистата волја на граѓаните и на нивното слободно изразување, изјави завчера шефот на изборниот штаб на Европски фронт, Арбер Адеми.

Според првичните официјални резултати за парламентарите избори што ги објави ДИК, Коалицијата Твоја Македонија предводена од ВМРО-ДПМНЕ освоено најмногу пратенички мандати, 58, по што следуваат Коалицијата Европски фронт предводена од ДУИ со 19 пратенички мандати, Коалицијата за европска иднина предводена од СДСМ , 18,  Коалицијата ВЛЕН, 13, а Движење ЗНАМ за наша Македонија и Левица по шест пратенички мандати. 

13.05.2024 - 11:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега