Во организација на Аналитика Тинк Тенк денес во Скопје се одржа регионална работилница на тема „Јакнење на соработката меѓу медиумите, експертите и институциите за подобри политики за контрола на тутунот и заштита на јавното здравје во Западен Балкан“. Во дискусијата чествуваше и министерката за образование и наука проф. д-р Весна Јаневска, која истакна дека образованието е најдобриот механизам за подигнување на свеста кај младите за здравите навики и грижата кон личното здравје.
„Нашиот воспитно – образовен систем е структуриран така што здравствената писменост е застапена во сите одделенија во редовните предмети, посебно во „природни науки“, а од оваа учебна година воведовме и нов изборен предмет во VII одделение „Учам за моето здравје“ и со поддршка на Светската здравствена организација изготвивме упатство за наставници за начинот на предавање на материјата која опфаќа и аспекти посветени на здравствените последици од користењето тутун и електронски цигари“, рече Јаневска.
Говорејќи за мерките кои се спроведуваат на национално ниво како дел од превентивните политики, министерката издвои дека годинава со законски измени основните и средните училишта се задолжени покрај програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање на ученици, спречување дискриминација, малолетничка деликвенција и слично, да спроведуваат и програми за превенција од злоупотреба на алкохол и тутун, злоупотреба на дроги и други психотропни супстанци.
„Во новата учебна година МОН и БРО заедно со Канцеларијата на Обединетите Нации за дрога и криминал и Меѓународната федерација Лајонс Клуб ќе обучат 50 стручни соработници и 150 наставници во 50 основни училишта за реализација на превентивната програма „Вештини за адолесценција“. Станува збор за структурирана програма, која е базирана на докази, за превенција од користење на цигари, дрога и алкохол и која досега со успех е имплементирана во 105 земји од целиот свет“, додаде министерката.
Нагласи дека секогаш постои простор за унапредување на здравствената писменост во
училиштата и дека институциите работат во таа насока.
„Образованието е жива материја и се прилагодува на времето и трендовите. Имам очекувања дека токму од оваа работилница, споделените различни искуства и практики ќе помогнат сите ние да ги надградиме националните политики“, рече Јаневска.
На работилницата чија цел е да поврзе претставници на медиумите, истражувачите, институциите и меѓународните партнери, да поттикне посилна соработка и да ја истакне важноста на мерките за контрола на тутунот засновани на докази во согласност со приоритетите за интеграција во ЕУ, покрај претставници на државните институции и граѓанскиот сектор во земјите од регионот, учествуваа и професори од Факултетот за јавно здравје при американскиот универзитет „Џонс Хопкинс“.
Актуелно
- Утре сонце со „заби“, од понеделник дожд и температури под просекот
- ВМРО-ДПМНЕ: Тоа што секоја фирма може да добие тендер говори дека институциите се слободни, а постапките транспарентни, а не наместени како со СДС
- Николоски: Наскоро ќе биде избран изведувач за изградба на автопатот Кичево – Букојчани
- Шукова: Во рок од една година може да почне реализацијата на БРТ системот
- Герасимовски заедно со советниците и хигиеничарите ја чистеа дивата депонија во Крњево
- Загина Дарко – брзал бидејќи сопругата се породувала
- Паднаа двајца дилери од Виница