Зимава ќе возиме дизел поскап од 120 денари по литар?
Цената на суровата нафта и натаму се движи на нивото од околу 95 долари за барел што е намалување за околу 2 долари во однос на просечната цена од претходната недела. Неуспехот на САД да издејствува поголемо производство од ОПЕК и Русија го натера американскиот претседател Бајден да повлече очаен потег и да ги ублажи санкциите кон Венецуела како начин да се стави поголема количина на нафта на пазарот. Дополнително намаленото производство кое се очекува од почетокот на наредниот месец ќе ја намали понудата на сурова нафта на пазарот а тоа се очекува да донесе повисоки цени.
Во Македонија пазарот на сурова нафта нема директно влијание врз малопродажните цени на нафтените деривати кои од почетокот на октомври се движат само во нагорен правец. Од почетокот на месецов дизелот поскапи за дури 12,5 денари по литар и се доближува до рекордната цена од 110 денари по литар регистрирана на средината од јуни. Имајќи предвид дека во многу земји дизел горивото се користи и во производствените процеси поради недостаток на гас, заедно со намаленото производство на сурова нафта, изгледите за спуштање на цените се многу мали. Во комбинација со растот на доларот во однос на еврото а со тоа и на денарот нема да биде изненадување ако зимава дизелот отиде далеку над границата од 120 денари по литар.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа