Социјалдемократскиот сојуз на Македонија на денешна прес-конференција упати остри критики за вчерашното обраќање на премиерот Христијан Мицкоски по повод Денот на независноста, обвинувајќи дека наместо пораки за единство, повторно била активирана кампања за поделби.

Членот на Извршниот одбор на СДСМ, Андреј Жерновски, истакна дека одбележувањето на празникот било искористено за сеење омраза меѓу граѓаните.

„Денеска СДСМ сака да реагира отворено и многу директно на вчерашниот говор на премиерот Мицкоски, ако тоа може да се нарече некаков говор. Тоа што се случи за големиот празник Илинден, истото се случи при одбележувањето на Денот на независноста. Наместо единство, наместо повикување на заедништво и прослава на државноста, повторно се активираше кампањата „Талог“ на премиерот Мицкоски. На ден кога Македонија обележува 35 години од својата независност, Мицкоски прво повика да не се делиме, за веднаш потоа повторно да започне со поделби и, како што кажав, ја активираше неговата позната кампања „Талог““, рече Жерновски.

Тој посочи дека премиерот упатил и директни закани, а како причини за ваквата реторика ги наведе отсуството на реални резултати во сите клучни сектори.

„Она што беше приметливо е дека тој вчера директно се закани дека ќе се соочи, ќе ги натера тие од „Талогот“ да се соочат со правдата, потоа седнувајќи до државниот обвинител. Пораката е сосема јасна. Операцијата „Талог“, која всушност се служи за поделба и сеење меѓу граѓаните, сеење на омраза и која Мицкоски ја спроведува со фактички од првиот ден од својот мандат, е опасна по својата природа и по својата основа и таа функционира по рецептот на Ванчо Михајлов и најмрачните периоди од македонската историја. Ние отворено зборуваме за тоа. Прво, кога се сеќавате, забранија да се говори во Собранието за мигрантите. Потоа во Ново село физички нападнаа млади луѓе кои изнесоа транспаренти и сакаа да предупредат за сето она што се случува во Гостивар со водата за пиење. Пред некој ден, наш советник од СДСМ беше повикан во полициската станица на распит само затоа што на Фејсбук ја бранеше политиката на земјоделците, односно ја нападна политиката на Мицкоски, визави земјоделците“, истакна тој.

Според Жерновски, ваквото однесување произлегува од лошата економска и социјална состојба во земјата.

„Сето тоа се случува во денешно време во земја која навидум функционира демократски, меѓутоа далеку сме од демократијата. Сега се поставува прашањето и ние мора да дадеме одговор на тоа прашање. Зошто Мицкоски го прави сето ова? Зошто упорно и упорно инсистира на тие термини „талог“, „тиња“ и така натаму? Одговорот е многу јасен, затоа што нема резултати буквално во ниту една област. Ниту во економијата, ниту во здравството, ниту во земјоделието, ниту во образованието, ниту во социјалата, ниту во европскиот пат на нашата држава. Буквално во секоја област ние имаме крахирање. Значи, одговорот е многу јасен. Кога резултатите буквално во секоја област ти се тиња и кога целиот премиерски мандат ти е буквално тиња, тогаш единствено што ти преостанува да зборуваш е за тиња и талог. Меѓутоа, среќа што граѓаните тоа го прочитаа“, додаде Жерновски.

Тој ја илустрираше состојбата во државата со конкретни бројки за стандардот на граѓаните и задолжувањето.

„Она што денеска сакаме исто така да го потенцираме е фактот што живееме во една ситуација како граѓанин на оваа држава која е веќе неиздржлива. Потрошувачката кошничка стигна до 90.000 денари со кирија. Минималната плата е 26.000 денари и со таа сума сме заковани на дното на Европа. Цените отидоа до плафонот. Стандардот на граѓаните опаѓа, луѓето живеат сè потешко. Долгот на Мицкоски, односно политиката на Мицкоски со која ја задолжи оваа држава, изнесува 4 милијарди евра за само две години“, изјави претставникот на СДСМ.

Жерновски оцени дека премиерот и Владата веќе го губат народниот легитимитет и доверба.

„Мицкоски веќе изгуби 150.000 гласови, но по сето ова што го гледаме следува уште поголем пад на неговиот личен рејтинг и, се разбира, рејтингот на партијата и на владата. Патриотските теми очигледно веќе не поминуваат. Тие се после две години прочитани од страна на граѓаните и затоа е интензивирањето на оваа кампања „Талог“, „тиња“ и та натаму. Економскиот пат, како што кажав, е замрзнат. Се слави злосторник како Ратко Младиќ, спротивно на сите европски и сите човечки вредности. Се прави како што прави неговиот ментор Вучиќ и ние тоа секогаш го потенцираме за да биде јасно каква е таа политика. Поради таквите кампањи и политика, соседна Србија веќе застана на патот кон Европа. За жал, Мицкоски го прави токму истото со нашата држава, затоа што кога нема Европска унија, нема ни европско обвинителство. А, кога нема европско обвинителство, тогаш сè се решава со телефонски повик“, нагласи тој.

Тој посочи и неколку примери за кои тврди дека покажуваат отсуство на правда и владеење на правото.

„Така се ослободува Груевски. Така криминалната палата, Белата палата, стана одеднаш чиста. Така бодигарди кои претепуваат жени остануваат неказнети. Така гледаме возачи и нивните министри како земаат мито. Гледаме криминални тендери за кои никој не одговара. Меѓутоа, правдата ќе си го најде својот пат“, изјави Жерновски.

На крајот, тој порача дека граѓаните нема да дозволат подведување и дека СДСМ продолжува со борбата за европската иднина.

„Има еден проблем сериозен со којшто се соочува денеска ВМРО и партијата на Мицкоски, а тоа е што таа политика веќе е прочитана од страна на граѓаните. Граѓаните на нашата земја се спремни, се подготвени да ја бранат Македонија. Тие нема да дозволат да бидат нарекувани талог, тиња, само затоа што размислуваат поинаку од Мицкоски. Таквата политика на крај, во секој случај, ќе биде казнета. Сакам на крај да потенцирам дека СДСМ упорно и докрај ќе продолжи да се спротивставува на политиката на поделби, ќе продолжи понатаму да го брани правото на слободно размислување, правото на говор. Секој граѓанин го има тоа право и ќе ја брани политиката на Европска Унија, односно иднината на нашата земја, која припаѓа на политиката на Европската унија. Ќе ја вратиме власта во рацете на граѓаните, а криминалците во рацете на правдата. Граѓаните ќе победат, Македонија ќе победат“, заклучи Жерновски.

Exit mobile version