Земјотрес со јачина од 3,8 степени според Рихтеровата скала претпладнево го погоди северниот дел на Грција, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).
Потресот бил регистриран во 10:30 часот по локално време, а според податоците на EMSC, епицентарот се наоѓал на 23 километри југоисточно од Јерисос.
Земјотресот бил почувствуван во повеќе познати туристички места каде во овој период престојуваат голем број туристи, меѓу кои Торони, Јерисос, Сикија и на островот Тасос.
На официјалната страница на ЕМСЦ беа објавени и сведоштва од граѓани кои го почувствувале потресот.
„Го почувствував додека бев на лежалка на плажа во Торони. Траеше околу две до три секунди“, напишал еден од корисниците на веб-страницата на EMSC.
Засега нема пријави за повредени лица ниту за предизвикана материјална штета.
Северна Грција важи за сеизмички активно подрачје каде што земјотресите со помала јачина се честа појава.


