Аеродромот во Ираклио на грчкиот остров Крит е затворен за сообраќај, откако група револтирани земјоделци успеаја да го пробијат полицискиот кордон и да навлезат директно на пистата.
Според информациите од локалните медиуми, инцидентот предизвика прекин на авиосообраќајот, при што два лета – еден од Атина и еден од Родос – биле принудени да се вратат назад и не слетале на островот.
Пристапот до аеродромот е целосно блокиран. Улиците околу објектот се затворени, па патниците кои имаат закажани летови се принудени да пешачат до терминалот.
Тензично е и во градот Ханија, каде исто така се регистрирани сериозни инциденти во обидот на демонстрантите да стигнат до тамошниот аеродром. Откако полицијата го одбила нивното барање за пристап, дошло до судир.
Епилогот од хаосот во Ханија е превртено полициско возило и две повредени лица – еден полицаец и еден демонстрант. Во судирите биле користени камења и солзавец.

