Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека несогласувањата со американскиот претседател Доналд Трамп не се од лична природа, но предупреди дека евентуалното укинување на санкциите против Русија ќе го зајакне рускиот претседател Владимир Путин и значително ќе го отежне постигнувањето мир во Украина.

– Мојот став кон Путин е многу јасен. Мислам дека ако ги укинеме санкциите, ќе го направиме посилен. Тоа не е нешто лично меѓу мене и претседателот Трамп и секако сум против какво било укинување на санкциите – истакна Зеленски во интервју за Си-Ен-Ен во Киев.

Тој оцени дека Путин нема намера да ја заврши војната и ги повика меѓународните партнери да не ѝ дозволат на Русија да ја зајакне својата воена и политичка позиција.

– Путин си игра. Тој е играч. Срамно е што си игра со животите на другите луѓе и секако не сака да ја запре војната. Затоа, она што го сакаме од нашите партнери е да не му дадат можност да биде посилен и да нè скрши – рече украинскиот претседател.

Зеленски посочи дека замрзнувањето на сегашните фронтовски линии може да биде дел од евентуален договор за прекин на огнот, што би овозможило прекин на борбите и започнување преговори. Сепак, тој децидно истакна дека Украина нема да се согласи да се откаже од териториите што моментално ги контролира, ниту пак ќе ги признае окупираните области како дел од Русија.

– Нашата земја е многу важна затоа што станува збор за луѓе, а не за километри. Многумина загинаа бранејќи ја оваа земја, нашата независност и нашата држава – порача Зеленски, додавајќи дека никој нема да ги признае привремено окупираните територии како руски.

Украинскиот лидер нагласи дека клучни потреби на земјата остануваат продолжувањето на санкциите против Русија и испораката на понапредни ракети за воздушна одбрана, испраќајќи јасна порака до меѓународните сојузници: „Не ги укинувајте санкциите против Путин и дајте ни подобри ракети“.

Exit mobile version