Зеленски побара зголемен меѓународен притисок врз Русија
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски повика на меѓународна акција за засилен притисок врз Москва со цел постигнување мир, за време на посетата на Јужна Африка, која мораше предвреме да ја прекине поради нов руски напад врз Киев.
Зеленски се сретна со јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоса, од кого побара ЈАР да ја искористи својата актуелна улога на претседавач на Г-20 за унапредување на глобалната стабилност и заштита на човечките животи.
Тој му предаде на Рамафоса список со 400 украински деца кои, како што рече, биле киднапирани и однесени во Русија, барајќи меѓународна поддршка за нивно враќање.
Рамафоса изјави дека неодамна разговарал со американскиот претседател Доналд Трамп за мировниот процес во Украина и најави нова средба со него.
Во објава на мрежата Икс, Рамафоса додаде дека оваа недела телефонски разговарал и со рускиот претседател Владимир Путин, при што двајцата се согласиле да работат на мирно решение за конфликтот.
„Јужна Африка е подготвена да ги поддржи сите кредибилни и инклузивни мултилатерални напори за праведен, одржлив и сеопфатен мир“, изјави Рамафоса.
Зеленски, пак, на истата платформа напиша дека со Рамафоса разговарал за „значењето на обединетиот глобален напор за создавање потребен притисок врз Русија – притисок во име на мирот“.
Посетата на Зеленски беше скратена откако Русија во текот на ноќта изврши напад врз Киев со ракети и дронови, при што загинаа најмалку 12 лица, а десетици се повредени.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа