Затворениот Харви Вајнстин се соочува со ново судење за силување

Харви Вајнстин, кој веќе издржува долга затворска казна за силување во Њујорк, повторно е на судење по неколку кривични пријави во Лос Анџелес, градот во кој некогаш беше еден од најмоќните филмски продуценти.

Вајнстин (70) се соочува со 11 обвиненија за силување и сексуален напад врз пет жени од реонот на Беверли Хилс и Лос Анџелес помеѓу 2004 и 2013 година. Воведните изјави на адвокатите се очекува да почнат в понеделник.

Некогаш еден од најмоќните луѓе во Холивуд, Вајнстин, се изјасни за невин.Тој веќе издржува 23-годишна затворска казна за други случаи на силување и други сексуални напади.

Една од тужителките на озлогласениот продуцент е Џенифер Сибел Њусом, режисерка на документарни филмови, актерка и сопруга на гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом.

Сибел Њусом ќе сведочи дека Вајнстин сексуално ја нападнал во текот на деловен состанок, за кој таа мислела дека е тоа, вели нејзината адвокатка Елизабет Феган.

Идентитетот на другите тужителки се чува во тајност во судските документи, каде што се користи името Џејн Дос од еден до пет.

Вајнстин тврди дека сите негови сексуални односи со жени биле консензуални.

Еден потенцијален сведок против него е актерот Мел Гибсон за кој обвинителите рекоа дека ѝ бил пријател на една од жртвите што го тужат.

Вајнстин, оскаровецот продуцент на „Вљубениот Шекспир“ и „Говорот на кралот“, беше осуден за сексуални деликти во Њујорк во февруари 2020 година. Повеќе од 80 жени поднесоа обвиненија против Вајнстин за сексуални напади што се случиле во последните децении, но само неколку случаи завршија на суд.

Наводите против него помогнаа да се поттикне движењето #MeToo на жени што јавно проговорија за своите искуства од полово малтретирање, насилство и злоупотреба од страна на мажите во Холивуд и пошироко. Цел беше мачо- културата во Холивуд, но движењето набргу се прошири во 83 земји.

А сега, пет години откако приказните на десетици жени што го обвинуваа Вајнстин експлодираа со кампањата MeToo, ќе му се суди во градот во кој некогаш беше еден од најмоќните во филмската индустрија.

21.10.2022 - 23:39

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега