Денеска со почеток во 18 часот на локацијата „Школка“ во Градскиот парк се отвора јубилејното 15. издание на фестивалот „Виноскоп 2026“. Манифестацијата, која се одржува под покровителство на Град Скопје, ќе трае до 17 мај.
Љубителите на виното ќе имаат можност да дегустираат широк спектар на македонски вина од бројни домашни винарии. Покрај винската понуда, организаторите најавуваат богата гастрономска содржина и музичка програма со домашни изведувачи и диџеи.
„Продолжуваме со поддршката и промоцијата на македонските производители на вино, винската традиција и потенцијалот на земјата за развој на винскиот туризам“, посочуваат од Град Скопје.
Фестивалот во текот на работната недела ќе започнува во попладневните часови, односно утре во 18 часот и во петок во 17 часот. За време на викендот, програмата е предвидена да започне точно напладне.
Новитет оваа година се тематските музички вечери и дневниот концепт „Блуз и вино“, кој е наменет за оние кои претпочитаат автентичен звук и опуштена атмосфера.


