Денеска, 3 септември, започнува запишувањето на примените кандидати на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) во Скопје во првиот уписен рок. Главниот термин за физичко запишување е на 3 и 4 септември, но од универзитетот предупредуваат дека условите, потребната документација и уплатите се разликуваат во зависност од факултетот.

За упис, идните студенти треба да достават индекс, студентска легитимација, пријавни листови, три фотографии и потврда за уплатени 750 денари за ИКСА на УКИМ. Покрај ова, факултетите бараат и дополнителни уплати за кои кандидатите треба да користат исклучиво засебни уплатници и инструкции објавени од соодветната високообразовна установа.

Дел од факултетите имаат и строго дефиниран распоред за запишување по студиски програми:

ФИНКИ: На 3 септември од 9 часот се запишуваат примените на Софтверско инженерство и информациски системи, а од 11 часот на Интернет, мрежи и безбедност. На 4 септември од 9 часот е терминот за Примена на информациски технологии, а останатите се од 11 часот. Од факултетот предупредуваат дека пропуштањето на терминот може да значи губење на местото.

Економски факултет: На 3 септември се запишуваат кандидатите за Меѓународна трговија и Финансии, а на 4 септември оние за Сметководство и ревизија и Маркетинг.

Новина во процесот е образецот ВОИ.20 кој повеќе не се пополнува на хартија, туку електронски преку Националниот портал за е-услуги. За ова е потребен активен кориснички профил, кој доколку е на основно ниво, мора предвреме да се надгради во „Една точка за услуги“ или во УЈП.

Факултетите имаат специфични барања за овој образец. Економскиот, Правниот и Стоматолошкиот факултет бараат во полето „број на индекс“ да се внесе „бруцош“, додека Филолошкиот факултет бара да се напише „0000“. Бидејќи неколку факултети нагласуваат дека уписот е невозможен без овој документ, кандидатите треба однапред да ги обезбедат потврдите.

Дополнителните трошоци за индекс, легитимација и пријавни листови не се вклучени во сумата за првата рата од партиципацијата, а сите плаќања изразени во евра се вршат во денарска противвредност по средниот курс на НБРСМ.

Exit mobile version