Запалена машина за сечење железо е причината за големиот пожар кој денеска ги вознемири скопјани. Црниот чад кој се гледаше од секој агол на главниот град се издигаше од приватна фирма во Визбегово, каде се складирани десетици стари и хаварисани автомобили.
По повеќе од пет часови интензивно гаснење пожарот е ставен под контрола, тоа значи дека огнот не може да се пренесе кон други објекти. Ветрот останува најголем проблем за пожарникарите.
Дел од нив, поради густиот чад, имаа потреба од итна медицинска помош и кислород, но за среќа никој не завршил на Токсикологија.
Иако ситуацијата бараше поддршка од воздух, хеликоптерите беа спречени да интервенираат – пречка беа густиот чад и близината на високонапонските далеководи кои го оневозможија безбедното надлетување.
Инспекторите за животна средина веќе извршиле првичен визуелен надзор, но велат дека вистинската слика за штетата и загадувањето ќе се знае утре, кога пожарот ќе биде целосно ликвидиран.
Фирмата имала дозвола за работа. Извори од истрагата за Сител потврдуваат дека станува збор за истиот сопственик чиј склад лоциран од спротивната страна на улицата се запали во јули минатата година. Тогаш надлежните информираа дека дозволата за работа била истечена.
Случајот веќе е пријавен кај јавниот обвинител кој ќе треба да ги утврди сите факти за тоа како дошло до палењето. Дежурните екипи на противпожарната бригада остануваат на терен до целосното гаснење.


