Заглавени автомобили во целосно потопени подвозници, блокирани кружни текови и вода која навлегла длабоко во Амфитеатарот на МАНУ ја одбележаа драматичната попладневна бура што ја парализираше државата.
Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 е затрупан со стотици пријави за поплавени куќи, подруми и деловни објекти во скопските населби Кисела Вода, Автокоманда и Чаир.
Сериозна закана од прелевање и поплавување на дворови во моментов има во Горно Лисиче поради преполнетиот Усјански канал, како и во Бутел каде реката Серава бележи енормно зголемено ниво.
Невремето направи сериозен хаос и во Куманово каде екипи во моментов испумпуваат вода од приватни куќи и големи деловни објекти на повеќе клучни градски улици.
Во Полошкиот регион, пак, недоволниот капацитет на локалниот каналски систем во селото Нераште доведе до итно поплавување на куќите во близина на новата џамија.
Паралелно со поплавите, силниот ветер корнеше дрвја низ Струмица, Радовиш и Велес, а екипите на „Македонија пат“ во неколку наврати расчистуваа одрони на автопатот Скопје – Градско.
- „Поради невремето и обилните врнежи од дожд што во текот на денот зафатија повеќе делови од државата, преку Единствениот повикувачки број за итни случаи 112 се примени голем број пријави за поплави, паднати дрвја, оштетена инфраструктура и други последици. Во просториите на МАНУ се поплавени подрумските и гаражните простории, а вода навлегла и во главниот хол и Амфитеатарот. Надлежните институции се на терен и работат на санирање на состојбата“, се наведува во официјалниот извештај.


