Заев од Атина: На зима втора меѓувладина седница на Северна Македонија и Грција

 

Во следните месеци, односно на зима, во зависност од развојот на пандемијата, во Атина ќе се одржи втората меѓувладина седница на Северна Македонија и Грција. Потпишување на договорот за избегнување на двојно оданочување, нешто што веќе со години го бараа бизнисмените, состанок на коморите меѓу двете земји во Скопје за трговските ознаки, соработка во низа области – економијата, енергетиката, инвестициите, се дел од следните чекори во македонско – грчките односи, кои биле вчера дискутирани и договорени на средбата на премиерите на двете земји, открива претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев во видео интервјуто за МИА.

Поканата од „Економист“ до македонскиот премиер за учество на „24-та тркалезна маса со грчката Влада“ на 15 и 16 септември во Атина донесе и низа средби за Заев, како со грчкиот државен врв, така и со грчки бизнисмени.

Кусо пред да замине за Скопје, во разговор со дописничката на МИА од Атина, претседателот на Владата на Северна Македонија детално и опширно говори за разговорите со грчкиот државен врв, вели дека посетата веројатно е прва на македонски премиер по 20 години, а освен што ги открива следните чекори на билатерално ниво и најавува интензивирање на соработката, открива и дека Мицотакис сака да дојде во Скопје, но и додава дека грчкиот премиер изразил подготвеност, Грција да снабди вакцина за Ковид-19 и за Македонија и Албанија.

Премиерот Заев, одговара и на тоа дали искуството со Грција, може да биде поука или пример и за односите на нашата земја со Бугарија

На прашање за средбата со Мицотакис, какви пораки разменија, Заев вели дека после 20 години тој е првиот македонски премиер кој патува на работна посета во Атина.

-Прво сакам да споделам со нашите граѓани дека ова е остварување на целта за постигнувањето на договорите. Денеска сум овде, веројатно после 20 години македонски премиер во Атина. Разговараме за бизнис, за економија, за соработка, за инвестиции, за нови работни места, раст на бруто домашниот производ кај нас, извоз, нови технологии, искуство кое што го имаат вакви европски земји, кои ни се соседи, како што е Грција и слично и можам да кажам дека ова е афирмирано, не само преку бизнисмените со кои што се сретнавме, туку со лидерството на Република Грција. Прво претседателката направи сериозни охрабрувања, еве конкретно прашањето е за премиерот Мицотакис.

Она што го договоривме, прво е меѓувладина седница на зима, дај Боже до крајот на годината во зависност од Ковид, а тоа е втората меѓувладина седница. Првата ја одржавме во Скопје, кога беа Ципрас и таа Влада. Сега веќе втората ја организираме во Атина, каде што треба дотогаш да го потпишеме договорот за избегнување на двојното оданочување, кој што отвора огромен фронт за грчки инвестиции, за мултинационални компании со грчко потекло и секако со дел од капиталот американски, светски и слично, кои што имаат интерес во нашата земја.

За мене ова е голем успех , заради тоа што денеска го утврдивме, имајќи предвид дека кај нас е рамен данок десет плус десет, овде даноците се 50 до 60 отсто. По природата на економијата, инвестициите ќе се слеат доста во Северна Македонија. Тоа го потврдуваат сите бизнисмени без разлика дали е од областа на енергетиката, земјоделството, лесната индустрија туризмот и која било од дејностите. Огромен е интересот. Самото пријателство си ја направи својата атмосфера.

Да не заборавиме, Грција и досега е втор најголем трговски партнер на Северна Македонија и трет најголем инвеститор, но потенцијалите, според наша проценки се 30-40 отсто искористени досега. Сега ова што го отвораме како можност е директно, преку договорот за избегнување на двојното оданочување, договорот за заштита на инвестициите, сите други економски договори кои што нашата земјата ги немала со својот сосед. И во едни такви околности, верувам дека отвораме едно покомплетно насочување на прилив на странски капитал во Република Северна Македонија. Тоа за мене е ново домашно производство, нови работни места, нов извоз од тоа што ќе се прави, надокнадувајќи го целото ова, голема работа направивме за пренесување на искуството од дигиталната економија. Во последните пет шест месеци, Грција има направено едно совршенство на имплементација на дигитализацијата. Тоа е многу важно, не само затоа што сега е коронакризата и ќе потрае следните шест до осум месеци ќе ја имаме сигурно, но тоа е модернизацијата на 21 век.

Понудија комплетно, од нивниот министер до сите агенции кои што работат, да направат едно фокусирање. Веќе имаат инвестиции како „Циско“ и други компании од Силиконската долина кои што се овде и сакаат да се прошируваат на секаде по Балканскиот Полуостров, но и во Југоисточна Европа, ќе ги мотивира дополнително заради тоа што технолошкиот развој, новите технологии се важна работа.

Разговаравме, во пријателски дух, комплетно да им покажеме на сите што значат две пријателски земји кои имаат потпишано договор за стратешко пријателство, бидејќи Преспанскиот договор не е само за решение на проблемот со името и зацврстување на нашиот македонски идентитет. Најголемиот дел од Преспанскиот договор е стратешкото партнерство и не е само во воздушното покривање, во безбедноста. Овде е економијата, енергетиката, образованието, здравството и слично, така да иако сме дојдени овде на покана на „Еономист“, сепак овие две средби со премиерот и со неговите министри што ги направивме, но и охрабрувањето кое што го добивме од претседателката на Грција, навистина, за мене се остварување на нашите желби за да го искористиме токму тој потенцијал од јужниот сосед кој што е најстара членка на Европската Унија, најстара членка на НАТО од целиот овој регион, со доста добро поставено лоби насекаде во светот, огромен број на компании, силни, мултинационални, но и со милијарди во својот обрт, сето тоа го гледам како можност за економски раст и развој на Република Северна Македонија- вели Заев.

Целото интервју може да го прочитате ТУКА.

 

 

 

Добивајте вести на Viber

17.09.2020 - 09:46
Фото: 
МИА

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега