Заев: Новото парламентарно мнозинство е одговор на потребите на државата

Премиерот Зоран Заев на денешната заедничка прес-конференција со лидерот на Алтернатива Африм Гаши рече дека е постигнат договор за обезбедување стабилно парламентарно мнозинство.

-Стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија. Новото мнозинство е одговор на барањата и потребите на граѓаните за стабилност. Граѓаните бараа стабилност – еве испорачуваме стабилност. Новото мнозинство е одговор на потребите на државата и на предизвиците кои се претставени пред нас како општество. Вредноста на овој договор создаде заради интересот на граѓаните е што постигнат низ консултации и со искрен пристап кон предизвиците кои заеднички ги споделуваме. Се здруживме околу заедничката определба дека во овие моменти најважно е функционирањето на институциите со полн капацитет и преземањето јасно утврдена одговорност пред граѓаните, рече Заев.

Вели дека постигнатиот договор е гаранција за решенија за сериозни актуелни предизвици.

-Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот на почеток на преговорите за членство во ЕУ, односно изнаоѓање решение со Република Бугарија, справување со КОВИД -19 пандемијата и се разбира, глобалната енергетска криза. Во коалиционите партнери од новото стабилно парламентарно мнозинство сите ние заедно едногласни сме дека на СМ и е потребна влада која испорачува резултати во интерес на граѓаните, посебно во време кога е неопходен јасен евроатлантски курс на дејствување. Само во такви околности можеме да чекориме напред, да продолжеме достоинствени и да бараме решение со Бугарија и да очекуваме почеток на преговорите со ЕУ. Порака до ЕУ и посебно до пријателска Бугарија, рече Заев.

Вели дека е Владата е подготвена за европски начин на дијалог.

-Во С Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство. Подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашето пријателство помеѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи. Порака до целиот наш народ. Почетокот на преговорите ни треба веднаш затоа што ги имаме исполнето сите услови. Европеизација веднаш, европеизација постојано. Тоа е наша заложба на која ќе работиме со полн капацитет. Имаме мнозинство за стабилна влада и за сериозни решенија кои ќе ги држат здравствениот и енергетскиот систем стабилни. Во време на глобална пандемиска криза и неизвесност и во време на европска енергетска криза на С Македонија најпотребни и се токму стабилна влада, а не повторно избори. Се водевме од императивот за стабилно парламентарно мнозинство и за да се стави крај на опструкциите во Собранието, вели Заев.

05.12.2021 - 13:34

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега