Заев: Луѓето сакаат да членуваат во СДСМ, во партија на слободите, на правичноста и солидарноста

 Во моментот во СДСМ има ажурирано 45 илјади членови, очекувањата се бројката да достигне преку 60.000 членство на партијата која е динамична, се осовременува, модернизира, додемократизира, изјави денеска премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.

– Кај нас демократијата е светост, слободата е светост и секогаш имаме и различни мислења, сме имале и ќе имаме сигурно многу во иднина. Правото на ажурирање е на секој член. Јас сум многу среќен што досега во моментот имаме преку 45 илјади ажурирани членови и верувам дека ќе ја поминеме бројката од преку 60 илјади. Тоа не знам кој како ќе го сфати многу или малку, за нас е навистина сериозен податок на луѓе коишто сакаат да членуваат во оваа партија, во партија на солидарноста, во партија на слободите, на правичноста и авангардна и државотворна партија во нашата земја. Самата мрежа и структура на членство меѓу себе е потврда за солидарноста, меѓусебното помагање, конекциите и формирањето и информирањето и доинформирањето кои што ги имаме, изјави Заев одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Владата.

Тој појасни дека СДСМ во својот Статут ги смени определбите во делот на правото на избор на претседатели на општински организации, каде што му го даде тоа право на претседателот на партијата, односно нему, да ги бира претседателите на општинските организации, а коректив е општинската конференција со делегати каде што се претседателите на месните одбори, извршниот одбор, советнички групи и сите коишто се по функција. Ова, вели тој, носи предност во споредба со минатото кога се јавуваа 10 кандидати, а потоа се бира еден, додека девет се незадоволни и буквално не можеле повторно да ги видат во партиските редови заради нивното незадоволство, па дури и ги губеле и како гласачи.

– Ова е една врвна демократска вредност со корективи внатре, со фидбек, така што ако Зоран Заев како претседател на СДСМ избере претседател на општинска организација во Битола, новиот претседател избран во Битола, теоретски зборувам, и така е по Статутот на СДСМ, предлага до Општинската конференција – Извршен одбор. Ако Извршниот одбор не помине, паѓа и претседателот на Општинската организација, односно самото членство го поништува самиот мој избор. И такви имаме безброј случаи. Гевгелија два-три пати, други општини коишто се случиле, во моментот имаме постапка која што падна на Општинска конференција во Општина Студеничани. Избравме претседателка на која што делегатите на Општинската конференција не и дадоа поддршка за Извршниот одбор и паѓа самиот кандидат, којшто согласно Статутот има уште една шанса да се обиде (со нов предлог) до општинска конференција, а после тоа јас сум принуден да излезам со друго име за претседател, нагласи Заев. 

 

 

 

Добивајте вести на Viber

10.02.2021 - 14:17

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега