Заев: Имаме 64 пратеници со потенцијал парламентарното мнозинство да расте

 

 

Во моментов сме 64 потврдени пратеници, верувам дека парламентарно може да достигне и 66, за тоа треба да одлучат пратениците, рече Зоран Заев, нагласувајќи дека парламентарно мнозинство е сега поголемо од пред изборите и е гаранција за стабилност.

– Убеден сум дека со најмалку 64 пратеници ја имаме најсилната гаранција за стабилно парламентарно мнозинство, а верувам и дека може да расте. Така што, избори во 2024 година, со убави резултати во економијата, напредок и совладани поглавја за Европската Унија. Тоа е нашето очекување. Моето останување во овој дополнителен период е заради обезбедување парламентарно мнозинство и мислам дека оваа работа ја завршувам. На 12 декември мојата партија СДСМ ќе има нов претседател. Се очекува да има нова влада што ќе предложи нови министри и ќе направи нов кадровски распоред, но откако ќе биде извесно со Бугарија. Во прашање се недели, истакна Заев на прес-конференцијата со лидерот на Алтернатива Африм Гаши.

Во следните неколку недели, рече, Алтернатива ќе почне да ги презема одговорностите во институциите, ќе го зајакне парламентарното мнозинство и ќе може да се гласаат важни закони: за кризите –  енергетска, пандемиска и мигрантска, како и Буџетот за 2022.

Лидерот на Алтернатива Африм Гаши одговарајќи на новинарско прашање за мотивот да влезат во власта рече дека како политичка партија се соочиле со две опции – „или да одите на избори и да ја продлабочите кризата и да ги изгубите шансите за интегрирање на земјата, да се продлабочи енергетската криза и состојбата со пандемијата или да се одлучите да и помогнете на оваа власт и на државата“.

-Најлесно е да се критикува, најтешко е да се засукаат ракавите и да работите, рече Гаши, додавајќи дека она што ги определило е и тоа што владата првпат ќе достави службено барање до Европската комисија да пратат експерти за меѓународно истражување на судски случаи, затоа што, рече,  има сомнежи за судските одлуки и сомнежи за политичко влијание.

-Тоа што ќе не смири сите нас е правда и тоа правда која ќе биде резултат од меѓународни експерти, додаде Гаши.

На прашање дали и сега мисли дека оваа влада е криминална, Гаши одговори не може да се најде службен запис и соопштение кога тој употребил, како што рече, тешки зборови против Владата.

-Не мислам дека Владата во која влегуваме е совршена, ниту дека со нашето влегување во власта се ќе стане совршено, додаде Гаши.

05.12.2021 - 15:30

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега