Заев: Илинден не треба да го оставиме во историјата, туку да го живееме и да го носиме неговиот пламен во иднината

 

 Континуитетот на дефинирањето на македонската држава продолжи да се гради на вредностите и принципите утврдени на Илинден 1903 и на АСНОМ 1944. И, да, народе мој – Третиот Илинден. Третиот Илинден е нашиот континуитет во афирмацијата на вредностите на која е изградена нашата држава и кои светот ги прифати како наша специфика и идентитет според кој Северна Македонија денеска се препознава во светот, порача денеска премиерот Зоран Заев во својот говор од Пелинце, каде тој ја предводеше владината делегација во одбележувањето на 118 години Крушевската Република и 77 години од Првото заседание на АСНОМ.

Заев пред присутните делегации од Собранието, кабинетот на Претседателот на државата, политичките партии, дипломатскиот кор, потенцира дека третиот Илинден не познава крај.

-Третиот Илинден е бесконечноста на нашиот стремеж кон нашата иднина. Затоа нашиот Илинден не е завршен и нема да заврши. Ние го живееме нашиот Илинден.  На нашата и на идните генерации останува да го одржуваме и да го шириме пламенот на Илинден, огнот што го распламтија плејада македонски просветители, учебникари, револуционери, комити и партизани, граматичари и писатели, како и истакнати видни дејци и припадници на другите народи во нашата земја, истакна Заев.

Тој потенцира дека Илинден не треба да го оставиме во историјата, туку да го живееме и да го носиме неговиот пламен во иднината, каде што припаѓаме.

-Илинден не е врзан за ниту една идеологија. Ги надминува границите на кој било временски период. Илинден е постојан процес кодиран во духот на Македонците, на Албанците, Ромите, Србите, Турците, Власите, Бошњаците и на сите народи кои живеат, творат и се борат за подобро иднина во нашата татковина, во нашиот дом, порача премиерот.

Нагласувајќи дека секоја генерација има свој Илинден, истакна дека современата генерација во својот Илинден го има вградено и единствениот правилен избор на 8 Септември 1991 година кога со волјата на народот изразена на референдумот беше прогласена независноста државата и отпочна меѓународното признавање и прифаќање на тогашната Република Македонија како членка на меѓународната заедница и нејзините организации.

-Оваа година одбележуваме три децении од независноста со единствената желба – нека е вековита и да го чуваме и негуваме и тој историски настан како скапоцен дел од нашиот државен континуитет, државниот континуитет како наш трет Илинден, порача Заев.

Додаде дека нашиот трет Илинден е печатот ставен на личната карта на Северна Македонија во ОН, држава во која официјален и службен е македонскиот јазик.

-Нашиот трет Илинден е и нашата борба и нашата победа на демократските наспроти декадентните вредности. Победата на парламентаризмот и дијалогот наспроти едноумието, омразата и насилството. Нашиот Илинден е правдата и владеење на правото базирани на принципот дека сите се еднакви пред законот. И уште еден илинденски принцип чуваме и негуваме и постојано повикуваме да ни биде пример. Обединување и единство околу најважните прашања за нашата земја. Да престанеме да се биеме в гради за тоа кој е поголем патриот заради партиските интереси и заради повеќе гласови на изборите. Нема да престанам да повикувам да бидеме сложни и единствени заради граѓаните и заради татковината, за заедничкиот напредок. Секогаш да настојуваме да правиме чекор повеќе во изградбата на нашето едно единствено еднакво општество за сите – углед на големата европска идеја обединети во различностите, нагласи премиерот.

Се надоврза и дека годинава се одбележуваат 20 години од Охридскиот рамковен договор, при што потенцира дека наша обврска е постојано да се грижиме за да го одржуваме и негуваме нашето едно и еднакво општество за сите.

-Секој од нас, секој граѓанин е важен и незаменлив, дел од нашиот мозаик. Тоа заедништво што се градеше со векови за нас претставува обврска за нашата заедничка иднина. Континуитетот во остварувањето на нашите стратешки интереси како наш трет Илинден е и нашето членство во НАТО, истакна премиерот.

Повика да се продолжи кон остварување и на нашата втора стратешка цел – членството во ЕУ, а во својот говор се осврна и на односите со соседните земји.

-На безбедноста на нашиот дом – татковината Северна Македонија го додадовме и пријателското соседско опкружување. Северна Македонија со ништо и никому на соседите не му наштетила низ историјата, ниту пак има намера тоа да го прави во иднината. Секогаш бевме и остануваме на сончевата страна на мирољубиво решавање на сите недоразбирања и конфликти. Наместо извор на проблеми, ние станавме извор на идеи и иницијативи за решенија кои регионот го водат напред, порача Заев.

Оцени дека денес сме една од водечките земји, кои наспроти блокадите и ризиците од нови ѕидови ги слушаат потребите на своите народи и рушат граници.

-Ние денеска заедно со нашите соседи градиме отворен Балкан, ги рушиме препреките и се бориме за поголеми слободи на нашите граѓани, градиме нов европски поврзан Балкан врз широко прифатени идеи за подобар живот за сите, за заедништво, за помагање, за олеснување, за слободно движење, за слободно мислење и создавање. И тоа е нормална и очекувана иницијатива после историскиот договор од Преспа со кој го решивме спорот со Грција како позитивен преседан во историјата на дипломатијата, рече Заев.

Изрази уверување дека Република Бугарија е пријател и дека е многу блиску денот кога и македонскиот и бугарскиот народ ќе се уверат дека Бугарија нема да биде пречка за Северна Македонија.

-Заедно ќе го обезбедиме тоа бидејќи од двете страни има паметни и способни луѓе, визионери кои ќе си дадат шанса и ќе се разберат во интерес на своите народи, истакна Заев.

Во својот говор тој со честитка за Илинден – Денот на Републиката на сите граѓани, нарекувајќи го светол празник.

 –Во овој ден што го одбележуваме денеска се дел од корените на нашата државност и на нашата иднина. Илинден 1903 и 1944 се дел од низата големи историски случувања коишто го одразуваат континуитетот на државотворната историја и стремежот на граѓаните, на народите на нашата земја да создадат сопствена држава еднаква во друштвото на народите. Тоа се генетски записи пренесени од сите наши претходници. Тоа се генетски записи во кои се збрани вредностите на кои се повикуваме и на кои ја градиме иднината. Тоа е континуитет на вредности какви што се вградени и што ги негуваат сите модерни европски држави, порача премиерот во своето обраќање.

Напомена дека во државотворната историја и континуитет на еден народ тоа е запишано во декларациите, документите, усвоените одлуки и резолуции. Додаде дека тие се архивирана и документирана меморија на стремежите за сопствена држава со сопствен и неоспорен идентитет и нагласи дека во таа насока никој не може да го порекне државотворниот концепт на сите точки во еден од четирите државотворни одлуки и документи од АСНОМ – Декларацијата за основните права на граѓаните на Македонија.

-Таа Декларација од 1944 година е она што е Европа денес. Таа Декларација е декларација за универзалните слободи и права. Во Декларацијата се нанижени цивилизациските вредности кои велат – сите граѓани на Федералната македонска држава се еднакви и рамноправни пред законите без разлика на нивната народност, пол, раса и вероисповед. На националните малцинства на Македонија им се гарантираат сите права на слободен национален живот. На секој граѓанин му е загарантирана сигурноста за приватноста и имотот, загарантирано му е правото на сопственост и приватна иницијатива во стопанскиот живот. На секој граѓанин му е загарантирана слободата на вероисповед и слободата на совеста. На сите граѓани им се гарантира слободата на говорот, печатот, правото на јавен собир и слободата на здружување. Сите граѓани на демократска Македонија имаат право еднакво, општо и непосредно да учествуваат на слободни избори со тајно гласање, потсети Заев.

Нагласи и дека документите од АСНОМ 1944 уште утврдија дека македонскиот народен јазик се воведува како службен јазик во македонската држава, а 2 Август е прогласен за народен и државен празник на македонскиот народ и македонската држава како симбол на сите негови борби за ослободување од вековното ропство и за создавање слободна македонска држава.

Премиерот потенцира дека денес различностите во Северна Македонија се на пиедесталот повеќе од кога било. Денес македонскиот глас ечи посилно од кога било.

-Денес Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите други се обединети повеќе од кога било. Денес и самите очекувања на граѓаните се уште поголеми и така треба да биде. Но, кога сме тука во Пелинце или во Крушево и на сите други историски места кога се сеќаваме и ги чествуваме жртвите на илинденските востаници на хероите и борците партизани на НОБ, на актерите на независноста сведочиме и за постоењето на една повисока цел во живот. Цел која ја прави разбирлива волјата на нашиот народ – храбро и непоколебливо да продолжи понатаму, да се соочиме храбро со сите предизвици и исправено и гордо да речеме – продолжуваме да чекориме горди и да ја вградуваме и нашата приказна во таа на Европа, нагласи Заев во својот говор на Пелинце.

Премиерот ја предводеше владината делегација, во чиј состав беа првиот заменик-претседател во Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби, заменик-претседателот за борба против корупцијата и криминал, одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за одбрана Радмила Шекеринска. Тие претходно, заедно со останатите делегации положија свежо цвеќе на споменикот пред Меморијалниот центар АСНОМ.

Заев денеска попладне заедно Артан Груби, Николовски и Спасовски ќе присустуваат во Крушево на централната прослава на Илинден, на покана на шефот на државата Стево Пендаровски, која треба да почне во 18 часот. 

02.08.2021 - 13:00

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега