Заев- г.г. Стефан: Поддршка од Владата во процесот на обезбедување автокефалност на МПЦ-ОА
Претседателот на Владата Зоран Заев денеска прими делегација на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, што ја предводеше г.г. Стефан, архиепископ на МПЦ-ОА, придружуван од митрополитите г. Тимотеј и г. Климент.
Делегацијата на МПЦ-ОА на средбата изразија честитки за изборната победа и за новиот мандат на премиерот Заев, со желби за успешна работа во услови на мир на Владата на Македонија и за реализација на програмските определби за кои гласаше мнозинството на народот во земјата.
На средбата, претставниците на Синодот на МПЦ-ОА искажаа благодарност за писмото упатено од премиерот до патријархот Вартоломеј и Цариградската патријаршија и ја поздравија оваа инцијатива како важна поддршка од Владата во процесот на обезбедување автокефалност на МПЦ-ОА.
Премиерот Заев на средбата изрази подготвеност да го поттикне ангажирањето на институционалните капацитети за затворање на денационализацијата на имотите што припаѓаат на МПЦ-ОА, како и за конзерваторските проекти за заштита на црковното културно наследство, коишто се и приоритети на Министерството за култура.
На средбата со архиереите на МПЦ-ОА, премиерот Заев уште еднаш упати честитки по повод 1000-годинишнината од Бигорскиот манастир „Св. Јован Крстител“, како еден од најважните црковни настани оваа година.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа