Ангелова: Образованието беше оставено без стратегија и без визија

 

Во рамки на денешната 61 седница во Собранието посветена за пратенички прашања, свое обраќање имаше пратеничката од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Емилија Ангелова. Ангелова истакна дека години наназад образованието било запоставено, односно оставено без стратегија, без вложување и без визија, додавајќи дека во последниот период се забележува промена, односно се реновираат училишта, студентски домови, се градат градинки и се овозможува набавка на електронски уреди за студенти. Во таа насока, пратеничката постави пратеничко прашање кое се однесуваше до министерката за образование и наука, Весна Јаневска, прашувајќи кои мерки се преземени и кои ќе се преземат во иднина, со цел подобрување на условите во образованието.

„Образованието е темелот на една земја и секој денар вложен во образованието и младите значи мултиплицирање за иднината. Во последниот месец видовме дека сте активно вклучени во подобрување на таа инфраструктура. Се работи за образованието на нашите најмили, нивната иднина. Се градат нови базени, се реновираат училишта, студентски домови, се градат градинки, се овозможува набавка на електронски уреди за студенти. Во таа насока моето прашање е следно: кои се мерките кои се преземени и кои ќе се преземат во иднина за подобрување на условите во образованието во Република Македонија?“, праша Ангелова.

Ангелова го постави своето второ пратеничко прашање до претседателот на Владата, и се однесуваше на негативниот демографски прираст со којшто се соочува државата. Таа истакна дека потребно е да се поправи демографската слика и праша кога и какви мерки може да се очекуваат во делот на подобрување на демографската слика.

„Главен проблем се негативниот демогафски прираст и иселувањето, особено на младите семејства. Тоа може да ја доведе државата под минимумот, после кој или ќе биде невозможноо, или претешко да се поправи демографската слика. Исто така најавивте и обемни мерки на ова поле. Кога и какви мерки може да се очекуваат во делот на подобрување на демографската слика во Република Македонија?“, заклучи Ангелова.

31.07.2025 - 18:32

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега