Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) започна со соодветни контроли на терен врз правните субјекти и трговците за да провери дали се почитува одлуката на Владата за намалување на цените на училишниот прибор. Владината мерка предвидува намалување од најмалку 10 проценти во трговијата на големо и најмалку 15 проценти во трговијата на мало, а стапи на сила на 25 август и ќе важи до 30 септември 2026 година.
Според ДПИ, трговците на мало се должни производите од оваа одлука јасно да ги обележат на полиците со натписот „помалку трошоци, повеќе за тебе“, преземен од интернет-страницата на Министерството за економија и труд. На производите мора да бидат истакнати и претходната продажна цена и новата намалена цена.
- согласно одредбите на одлуката, највисоките цени на производите опфатени со одлуката се утврдуваат на нивото на цените (со исклучок на цените на акциска продажба) кои се применувале на 1 јуни 2026 година во трговијата на големо, кои цени се намалуваат најмалку за 10 проценти, како и во трговијата на мало (специјализирани продавници за продажба на училишен прибор, продавници за спортска опрема кои продаваат ранци и ташни и трговци на мало кои во својот асортиман на производи продаваат и училишен прибор), кои цени се намалуваат најмалку за 15 проценти, појаснуваат од ДПИ.
По исклучок, за артиклите кои се набавени по 1 јуни 2026 година, највисоките цени се утврдуваат според евиденцијата во Материјалната евиденција во трговијата на големо (намалени за најмалку 10%), односно според Приемниот лист во трговијата на мало (намалени за најмалку 15%).
Пазарните инспектори најавуваат интензивни контроли на територијата на целата држава. Глобите за непочитување се движат од 500 до 10.000 евра во зависност од големината на субјектот, согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите. За целосно непочитување на одлуката предвидена е и мерка привремена забрана за вршење на дејност во траење од 15 дена.
Од инспекторатот апелираат до трговците да ги почитуваат обврските, а граѓаните можат да пријават неправилности на телефонскиот број 191 или на веб-страницата www.dpi.gov.mk.
Мерката опфаќа широк асортиман на производи потребни за учебната година: ранци, ташни, тетратки, блокови, колажи, моливи, пенкала, боички, пластелин, фломастери, маркери, темперни, акрилни и водни бои, четки, линијари, дидактички материјали, острилки, гуми, ножици, футроли, лепила, шестари, дигитрони, папки и украсна хартија.


