Општина Гази Баба ја заврши реконструкцијата на улицата „Жан Жорес“, на делницата од Кино Маџари до натпатникот кај ООУ „Наум Наумовски Борче“ во населбата Маџари.
Со градежните активности е целосно обновен коловозот и се изградени нови пешачки патеки со цел да се подобри безбедноста на сообраќајот и движењето на пешаците. Вкупната инвестиција за овој градежен зафат изнесува 6.154.539 денари. Овие средства се обезбедени преку вториот јавен повик за инфраструктурни проекти на Владата, со соодветно кофинансирање од општинскиот буџет.
Градоначалникот Бобан Стефковски, кој изврши увид на терен, истакна дека оваа сообраќајница не била реновирана шест децении.
„Оваа реконструкција се реализира по повеќе од 60 години. По толку долг период, жителите на овој дел од општината конечно добиваат современа, безбедна и квалитетна сообраќајна инфраструктура каква што заслужуваат“, изјави Стефковски.
Тој додаде дека проектот е дел од поголем градежен циклус во локалната самоуправа.
„Реконструкцијата на улицата „Жан Жорес“ е еден од вкупно 20 капитални проекти што во овој период се реализираат во Општина Гази Баба. Ова е силен инвестициски циклус кој значи нови улици, подобра инфраструктура, поголема безбедност и поквалитетни услови за живот во сите населени места“, додаде градоначалникот.
Според неговите зборови, со ова се исполнува конкретно ветување дадено пред граѓаните.
„Оваа реконструкција беше мое јавно ветување пред граѓаните, дадено за време на изборната кампања. Денес не зборуваме за планови, туку за конкретна реализација. Уште еднаш покажуваме дека дадениот збор има тежина само кога е исполнет. Верувам дека најголемата вредност во политиката не се празните ветувања, туку чесноста, одговорноста и способноста да се реализира она што е ветено. Граѓаните не очекуваат изговори – очекуваат резултати. Токму затоа секој ден работиме посветено, домаќински и одговорно, создавајќи конкретни дела за граѓаните. Со секој нов проект ја подобруваме инфраструктурата, ја зголемуваме безбедноста, создаваме подобри услови за секојдневниот живот и градиме општина која рамномерно се развива во секој нејзин дел. Продолжуваме со силно темпо – со нови инвестиции, нови проекти и исполнети ветувања. Продолжуваме да работиме затоа што делата се најсилниот доказ за посветеноста кон граѓаните!“, порача Стефковски.


