Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, се прости од хрватската писателка и колумнистка Ведрана Рудан, потсетувајќи на нејзината острина и подготвеноста без воздржување да го кажува она што го мисли. Нивните патишта претходно се сретнале и пред телевизиските камери, при што Рудан не штедела на непријатни прашања кон него.
Тој на социјалната мрежа X се присети на нејзиниот препознатлив стил и способноста директно да зборува, без оглед на тоа кому би можела да му се замери.
„Со тешко срце ја примив веста за смртта на Ведрана Рудан. Нејзините зборови не заобиколуваа, туку одеа директно во суштината. Знаеше да нè насмее кога не ни беше до смеење и да го каже она за кое другите попрво би молчеле“, напиша Вучиќ.
Тој додаде дека кај Рудан секогаш го ценел токму она што било едно од нејзините главни обележја – подготвеноста да го каже своето мислење без калкулации.
„Го имаше она што отсекогаш сум го ценел кај луѓето – храброста да го каже она што го мисли, без калкулирање и без страв од тоа кого би можела да навреди“, наведе српскиот претседател.
На крајот од пораката за збогување додаде и реченица која се вклопува во стилот на писателката од која се простува:
„Верувам дека и на ова би имала коментар и речиси сигурно би го напишала пократко.“
Вучиќ изрази сочувство до нејзиното семејство, пријателите и сите оние кои ја ценеле нејзината работа.
Писателката немала вообичаена воздржаност кон српскиот претседател, каква што јавните личности често ја покажуваат во разговорите со политичарите. Една од нивните најпознати средби се случила во 2019 година во емисијата „Хит Твит“ на српската телевизија Пинк.
Рудан тогаш му поставувала на Вучиќ прашања за политиката, рускиот претседател Владимир Путин и притисокот што го носи претседателската функција.
Во еден момент го прашала: „Дали Путин ви даде пушка за да си играте или за да се убиете?“
Со тоа алудирала на средбата меѓу Вучиќ и рускиот претседател од истата година.


