Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека нема да биде марионета на големите сили, туку дека негова единствена обврска е да се грижи за интересите на Србија.
„Нема да служам никому – ниту на Англија, ниту на Германија, ниту на Америка, ниту на Русија… Јас служам само на Србија. Научете го тоа еднаш. Нема да бидам ничија марионета. Јас сум Србин и српски претседател, и запомнете го тоа еднаш засекогаш. Секогаш ќе бидам Србин и српски претседател. А моја работа е да се грижам за оваа земја“, изјави Вучиќ во обраќањето до медиумите.
Неговата реакција следува по честите критики во странските медиуми и дипломатски кругови дека Србија води политика на балансирање меѓу Истокот и Западот. За време на обиколката на реконструкцијата на Стариот железнички мост во Белград, српскиот претседател порача дека земјата не седи на повеќе столчиња, туку има исклучиво своја, српска позиција.
Коментирајќи ги забелешките кои доаѓаат од Германија, САД, Англија, но и од Русија и Украина, Вучиќ истакна дека таквите притисоци само ја потврдуваат исправноста на неговата политика.
„Не ми е гајле. Тоа само ја потврдува мојата политика. Не сакам да бидеме ничии слуги, јас бев избран, се заколнав на Уставот и на Мирославовото Евангелие. Доколку е потребно, треба да направиме жртви, за да ја зачуваме нашата независност и автономија“, порача Вучиќ.


