Навремена реакција на вработена спречила да избувне пожар во маркет во Тетово, откако на еден од рафтовите била оставена запалена свеќа.
Случајот бил пријавен во СВР Тетово на 8 август во 18:35 часот. Според информациите од полицијата, инцидентот се случил околу 17:10 часот во маркет на улицата „Благоја Тоска“.
Едно лице запалило парафинска свеќа и ја оставило на еден од рафтовите во објектот. Вработената навреме ја забележала свеќата и веднаш ја изгаснала, со што била спречена можноста за избувнување пожар.
Од СВР Тетово информираат дека случајот е евидентиран и се преземаат мерки за негово расчистување.


