Вучиќ: Хрватска, Албанија и Косово отворија трка во вооружување во регионот
Српскиот претседател Александар Вучиќ синоќа во Брисел, по средбата со генералниот секретар на НАТО Марк Руте изјави дека Хрватска, Албанија и Косово отвориле трка во вооружување во регионот откако го прекршија субрегионалниот договор од 1996 година со потпишување на меморандум за соработка во одбраната во вторникот.
Во врска со изјавата на хрватскиот министер за одбрана Иван Анушиќ дека Хрватска може да потпишува договори со кого сака и дека одамна поминало времето кога го прашувала Белград што ќе прави, Вучиќ на новинарите од Србија кои го придружуваа на неговото патување им рече дека требало да ѝ кажат на Србија „дека ги раскинале потпишаните договори и дека веќе нема субрегионална контрола во вооружувањето“.
„Тие отворија трка во вооружување во регионот. Ова е тешка ситуација за нас, но ја разбравме нивната порака и ќе ја сочуваме нашата земја и секогаш успешно ќе ја браниме од секој потенцијален агресор, дури и од ваков моќен“, рече Вучиќ, наведувајќи дека темата ја покренал на средбата со Руте.
Тој изјави дека е „речиси убеден оти НАТО не бил информиран дека Хрватска, Албанија и Косово го прекршиле субрегионалниот договор од 1996 година“ со потпишување на вчерашниот трилатерален меморандум за одбранбена соработка.
„Ова е прекршување на субрегионалниот договор за контрола на вооружувањето од 1996 година, но од реакциите од Хрватска и другите делови од регионот видовме дека тие не се многу заинтересирани за тоа. Речиси сум убеден дека НАТО не бил ниту информиран и дека дури не им било кажано кои договори се прекршени, но мислам дека ни Приштина, ни Загреб ни Тирана не се загрижени за тоа“, додаде Вучиќ.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа