Времето денеска облачно со сончеви периоди, додека кон крајот на денот и во текот на ноќта се очекуваат локални врнежи од дожд. На планините и на повисоките места, претежно во западните и северните делови од земјата, врнежите ќе бидат од снег.
Според најавите на Управата за хидрометеоролошки работи, ќе дува слаб до умерен северозападен ветер, кој во западните делови повремено ќе засилува. Температурите ќе се движат од минимални 1 до максимални 14 степени.
Во Скопје се очекува слично време со максимална температура до 11 степени и повремен дожд во вечерните часови.
Од УХМР најавуваат промена на метеоролошката состојба веќе од утре:
„Од утре ќе има заладување со нови пообилни врнежи кои на планините и на повисоките места ќе бидат од снег. На планините ќе се зголеми висината на снежната покривка, а нова се очекува да се формира и во некои од повисоките места.“
По преодното стабилизирање во наредните два дена, нови врнежи од дожд и снег се очекуваат повторно во петок.


