Коалицијата ВЛЕН внимателно ги следи случувањата поврзани со полагањето на правосудниот испит на албански јазик и реакциите на студентите по право, кои во изминатите денови јавно го изразија својот став и загриженост. Мотивот и процесот на организирање на студентите се сосема легитимни, како и нивната јасна порака дека станува збор за прашање на доследна примена на постојните права, а не за нови барања. ВЛЕН смета дека ваквите прашања мора да се третираат сериозно, одговорно и со почит кон принципот на еднаквост, велат од Вреди во писмена реакција испратена до медиумите.
Ова прашање веќе е отворено на институционално ниво и во најкраток можен рок ќе биде затворено на начин што ќе обезбеди правична и одржлива примена на законските решенија, во согласност со очекувањата на студентите.
Коалицијата жали што прашањата поврзани со образовната надградба и практичната примена на законските решенија не биле навремено отворени и решавани во изминатите години. Токму таквите пропусти доведуваат до ситуации во кои младите се чувствуваат принудени своите барања да ги артикулираат на улица.
ВЛЕН го разбира револтот и мотивот на студентите. Ова не е прашање што треба да се игнорира или релативизира, туку сигнал дека системот мора подобро да функционира. Коалицијата останува посветена да најде решение што ќе биде прифатливо за студентите и во согласност со принципот на еднаквост. Вратата за дијалог е секогаш отворена, бидејќи овие прашања мора да се решаваат во институциите, преку разговор и партнерски однос, а не на улица. Само така градиме систем што функционира за сите.
ВЛЕН ги повикува студентите на отворен и конструктивен дијалог во секое време. Ставот на коалицијата е ваквите прашања да се решаваат во рамки на системот, преку институции и соработка, а не преку конфронтации од каков било тип. ВЛЕН очекува од пратениците кои беа присутни на протестот, што отвора сомнежи за нивна политичка инструираност, својата улога да ја остварат институционално, преку Собранието и механизмите кои им стојат на располагање. За тоа тие се избрани и платени од граѓаните. ВЛЕН останува отворен за разговор и со нив, особено во делот на разјаснување на институционалните процеси, имајќи предвид дека до неодамна беа дел од власта, стои во реакцијата на Вреди.


