Политичката коалиција ВЛЕН преку соопштение до јавноста порача дека кај граѓаните се чувствува еуфорија и надеж дека „ДУИ конечно го завршува своето политичко поглавје“. Од ВЛЕН велат дека по повеќе од две децении „лошо владеење, измами и ароганција“, Албанците бараат вистински промени и нов пристап во политиката.
„ВЛЕН служи како најдобар пример за модерна албанска политика – без притисок, без уцени и без закани. Ние сме блиску до граѓаните, ги слушаме нивните грижи и работиме за секое населено место и секое семејство,“ се наведува во соопштението.
Од коалицијата посочуваат дека „ДУИ е на дното на бунарот“ и дека секојдневно се открива нивната „соработка со Левица, која ги предава интересите на Албанците за лична моќ“.
„На 19 октомври, граѓаните им ја изрекоа првата казна, а конечниот удар ќе дојде на 2 ноември – во Тетово, Дебар, Долнени, Брвеница и насекаде каде што Албанците ќе го затворат старото поглавје,“ додаваат од ВЛЕН.
Во соопштението се нагласува дека коалицијата „не ги навредува Албанците“, туку ги претставува „со достоинство и работа“.
„Веруваме во достоинство, единство и политика што му служи на граѓанинот, а не на личниот џеб. ВЛЕН е новиот дух и силата на промените“, стои во партиската реакција.
Според ВЛЕН, 2 ноември ќе биде „денот кога Албанците ќе ја започнат новата ера на политичко претставување и ќе го затворат старото поглавје на ДУИ“.

